Речиси 70 отсто од новозаразените се од Чаир и Сарај

Новозаразените од коронавирус се од познати кластери, а околу 70 отсто од нив се од скопските општини Чаир и Сарај, соопшти во понеделникот министерот за здравство Венко Филипче откако претходно на прес-конференцијата во Владата соопшти дека во последните 24 часа во земјата се регистрирани 89 нови позитивни случаи на коронавирус, седум починати.

Меѓу новозаболените има тројца од Дом за стари лица во Скопје. По двајца починати се регистрирани во Куманово, Скопје, и Тетово и еден починат пациент во Струга. Министерот Филипче истакна дека ситуацијата е под контрола и дека ќе се почека два до три дена за да се утврди дали има потреба за нови рестриктивни мерки.

„Добар дел од пациентите остануваат дома и здравствениот систем и со овој бран добро ќе се справи. Околу 70 отсто од новозаболените се од Чаир и Сарај“, рече Филипче.

Во однос на тестирањата по контактите со потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири кој е позитивен на коронавирус, Филипче посочи дека во самоизолација се потпретседателите на партијата, Дамјан Манчевски, Мила Царовска и шефот на кабинетот на премиерот Марјан Забрчанец. Филипче потврди дека позитивен тест имала шефицата на УЈП, Сања Лукаровска и се работи на епидемиолошките анкети на нејзините контакти. Голема е веројатноста, според Филипче, дека премиерот Оливер Спасовски ќе треба да биде во самоизолација од две седмици. Се уште во тек се и епидемиолошките анкети и на други членови на партијата, додаде министерот.

Во Штип се затворени погоните на шест конфекции, а треба да бидат направени околу 600 тестови, за да се елиминира натамошна трансмисија на болеста во регионот.

Како што толкуваше Филипче, полицискиот час бил укинат врз основа на анализа и процена на состојбата со новодијагностицирани пациенти.

„Голем дел од новите заразени се кога имаше ограничување на движење и податоците кои ги даваат покажуваат дека има прекршување на мерки во движење и собири, односно семејни собири и носење маски. Ние во еден момент мора да ги попуштиме мерките и интензивно ја пратиме ситуацијата. Доколку има потреба и начинот на ремисија ако бара ограничување на движење комисија тоа ќе препорача. Голем дел од заразените не ја почитувале дистанцата и носење на маска“, рече Филипче.

Во однос на тајмингот на мерките Филипче истакна дека ќе ги пратат бројките во наредните денови и ќе се донесе одлука до крајот на оваа недела дали би се вовеле карантини кои би важеле за одредени населби како Гази Баба, Чаир, Сарај и евентуално делови од Штип, како и евентуално воведување на полициски час ограничен на одредени региони. За заштитни маски тој порача дека смета оти е добра одлуката за нивно задолжително носење.