Речиси половината од луѓето имаат измислени први сеќавања

Спомените се драгоцени, на човекот му даваат чувство кој е и од каде доаѓа, меѓутоа, научниците покажаа дека кај многумина првите сеќавања се всушност фикција.

Темелено на претходните истражувања според коишто најраните сеќавања се формираат околу третата година од животот, британските научници во обемна студија пронашле многу луѓе кои тврдат дека имаат сеќавања коишто достигнуваат и пред таа возраст.

Од 6.641 испитаници, 38,6 отсто рекле дека имаат сеќавање од двегодишна возраст, а дури 13,5 отсто тврдат дека се сеќаваат на настаните од периодот кога имале само една година. Научниците, пак, велат дека тоа не се сигурни сеќавања, туку слики создадени од фрагменти од претходните искуства помешани со фактите за сопственото детство коишто сме ги слушнале од другите.

„Она што личноста го има на ум кога зборува за раните фиктивни сеќавања, всушност се епизоди од ментални прикази слични на сеќавањата“, вели водечката авторка на студијата, Шазија Актар од универзитетот во Брадфорд.

Иако многумина и натаму се убедени дека станува збор за вистински спомени, Актар тврди дека сложеноста на умот кај човекот го отежнува разликувањето на фактите од фикциите во сеќавањата од детството.

„Дури во петтата или шестата година создаваме сеќавања какви што имаат возрасните. Тоа се случува поради развојот на мозокот, созревањето и подоброто разбирање на светот околу нас“, истакнува.

И претходните истражувања на човековата меморија покажаа дека и како возрасни можеме несвесно да „интервенираме“ во сеќавањето и да го измениме.