Речиси третина од отпуштените од „Водовод“ се лица чии родител или сопружник починал од Ковид 19, а бил вработен во претпријатието

Речиси третина од отпуштените од „Водовод и канализација“ се блиски роднини, односно членови на потесно семејство на луѓе вработени во ова претпријатие, но кои починале во пандемијата на Ковид 19 вирусот, брифираат за НетПрес доброупатени извори.

Според нашите информации, петанесетина лица биле всушност деца, синови и ќерки, на вработени во „Водовод и Канализација“, а кои починале од коронавирусот. Помала бројка биле невработени сопруги или сопрузи, исто така на вработени во Водоводот за кои заразата со Ковид 19 завршила трагично.

Сите биле ангажирани со договор на определено време и тоа уште од времето кога во ова јавно претпријатие директорувал кадарот на СДСМ, Душко Весковски. По него, новиот директор Златко Перински исто така им ги продолжувал договорите за ангажман на овие лица. Но, сето тоа траеше до денеска кога, според информации објавени во повеќе медиуми, новиот директор на „Водовод и канализација“, Марјанчо Митовски, а по наредба на градоначалничката Данела Арсовска, одлучил повеќе да не им ги продолжува договорите за работа на овие лица.

Инаку, нашите извори велат дека најголем дел од вкупниот број на отпуштени, поточно педесетина лица, биле партиски членови на СДСМ, ангажирани во времето кога прв човек на скопското претпијатие беше Душко Весковски. Многу помал број, односно околу 18 лица биле ангажирани во ова јавно претпријатие во изминативе 10 месеци, за време на директорувањето на Златко Перински.

Пред околу два месеци, пак, имало инспекциски надзор направен од страна на Државниот инспекторат за труд, и при контролата во јавното претпријатие било утврдена кристално чиста состојба.

Во врска со ситуацијата во јавното претпијатие „Водовод и канализација“ реагираше и надлежниот синдикат.

„Во услови на светска економска и енергетска криза и неизвесност на глобално ниво, градоначалничката да не дозволи да останат на улица преку 100 фамилии на наши колешки и колеги работници. Исто така СУТКОЗ при ССМ како репрезентативен синдикат за комунални дејности остро се спротиставува на прераспоредувањето на работниците во ЈП Водовод и канализација Скопје со задолженија и наредби, што е едностран акт на директорот, и е недозволиво знаејќи дека на нивно место исто така се назначуваат други работници со задолженија и наредби. Овие решенија/задолженија не нудат никаква правна сигурност на работниците и прават сомеж дека директорот прави реваншизам на вработените од само за него познати причини. СУТКОЗ и ССМ секогаш се залагаат и се борат договорите и решенијата за прераспоредување да бидат законски со двостран акт – договори за вработување помеѓу работниците и работодавачите и затоа бараме итна средба со в.д директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје како и со Градоначалничката на Град Скопје за да спречиме дополнителни штети кон работниците во ова светска, економска и енергетска криза и неизвесност!“, се вели во дел од соопштението до јавноста од СУТКОЗ.