Американскиот технолошки гигант „Microsoft“ во понеделникот соопшти дека ќе инвестира 33,7 милијарди шведски круни (односно 2,9 милијарди евра) за да ја прошири инфраструктирата за работењето во облак и за вештачка интелигенција во Шведска.
Популарноста на генеративната вештачка интелигенција (AI) ја поттикна побарувачката за услугите во облак, при што технолошките гиганти како „Microsoft“ и „Amazon Web Services“ (AWS) најавија милијарди долари инвестиции во изградба на центри за податоци во Европа.
Во ноември „Microsoft“ најави инвестиции во центри за податоци во Велика Британија, а во февруари ги претстави плановите за Германија и Шпанија.
„Тоа не е сè, но веројатно повеќе за плановите наесен“, рече претседателот на „Microsoft“, Бред Смит.
Компанијата ќе инсталира 20.000 од најнапредните графички единици за обработка во центрите за податоци во шведските градови Сандвикен, Гавел и Стафансторп, кои планира да ги купи од „Nvidia“, а можеби подоцна и од AMD.
„На крајот, би можеле да вградиме сопствени чипови“, изјави челникот на „Microsoft“.
Американската компанија сака да го поттикне усвојувањето на вештачка интелигенција во нордиските земји. За Шведска подготвуваат образовни програми во организации, училишта, универзитети и други јавни институции и делови од општеството кои планираат да ги реализираат во следните три години.
Забележуваат дека инвестираат и во обновливи извори на енергија и дека имаат обезбедено речиси 1.000 мегавати „зелена“ електрична енергија во Шведска.
„Вештачката интелигенција е технолошка трансформација на која треба да се гледа како мултипликатор или катализатор… Тоа е дел од стратегијата за иднината каде што, по успешната борба против инфлацијата, треба да влеземе во нова фаза, фаза на инвестиции“, рече шведскиот премиер, Улф Кристерсон.