Речиси 100.000 поплаки за заштита на личните податоци поднесени во ЕУ

Околу 95.000 лица поднеле поплаки, откако во сила стапи новата регулатива на Европската унија за заштита на личните податоци, позната како GDPR.

Од тие поплаки, за сега три завршиле со финансиски санкции, а највисоката е 50 милиони евра против Google во Франција, затоа што компанијата не ги информирала доволно добро корисниците за употребата на нивните лични податоци.

Ова се првите конкретни резултати од регулативата ГДПР која стапи во сила во мај 2018 година во ЕУ и која се смета за најефикасната законска рамка за заштита на личните податоци на корисниците на интернет во светот.

„Горди сме што воведовме најстриктни и најмодерни правила за заштита на податоци и кои наскоро ќе станат универзална норма“, изјави Франс Тимерманс, првиот потпретседател на Европската комисија.

Зедно со еврокомесарките Марија Габриел и Вера Јоурова истакнаа дека во прашање не се само корисниците, туку и заштитата на демократијата во Европа.