Речиси 25.000 мигранти стасале на грчките острови во 2017-та

На грчките острови Лезбос, Самос и Хиос, коишто се наоѓаат во близина на турското крајбрежје, во текот на минатата 2017 година пристигнале 24.970 бегалци и мигранти, објавија властите во Атина.

Повеќе од половината од нив, или 12.506 лица, од Турција дошле на Лезбос, кој воедно е и островот најпогоден од бегалската криза во изминатите години.

Според официјалните податоци на грчките власти, минатата година на трите острови најмногу пристигнувања имало во септември 3.519 лица и во октомври 3.478, а најмалку во февруари, само 699 мигранти.

Новогодишната ноќ 173 лица, меѓу кои и жени и деца, ја минале во три чамица и кусо по полноќ пристигнале на островите Лезбос и Самос.

Во понеделникот, 30 минути по полноќ, 52 бегалци и мигранти со пластичен чамец стигнале на Лезбос, а еден час подоцна на истото место пристигнал уште еден чамец со 83 лица.

Во исто време, брод на европската погранична мисија ФРОНТЕКС спасил 38 бегалци и мигранти источно од островот Самос, кои со чамец од Турција тргнале кон Грција. Сите 173 лица биле пренесени во центрите за прием и регистрација на бегалци на двата острови.