Редефинирање на државата дел од програмата на СДСМ и БЕСА

Редефинирањето на државата, концепт кој што уште во пресрет на изборите во 2016 година, го промовираше БЕСА сега ќе биде дел од изборната програма на предизборната коалиција на партијата на Билал Касами со СДСМ , предводена од Зоран Заев.

Генералниот секретар на БЕСА, Аријанит Хоџа денеска пред почетокот на работниот состанок со генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски потврди дека овој концепт за којшто се залага БЕСА ќе биде дел од програмата за изборите на 12-ти април. Но, и Хоџа и Николовски велат дека редефинирањето на државата значи темелни реформи пред се’ во правосудството.

„Нашето видување за редефинирање на државата е во контекст на реформите и точно е дека оваа победничка коалиција ќе направи огромни реформи во судството и правосудството… Режимот мора да се редефинира со реформи и тоа ќе го направиме заеднички“, вели Хоџа.

Николовски вели за СДСМ трансформацијата на државата означува средувањето на состојбите пред се’ во правосудството, како и подобрување на услугите за граѓаните и тоа она што транспарентно ќе им биде понудено како опција на гласачите е во пресрет на изборите.

„Она што ќе го понудиме на граѓаните без оглед кој како ќе го нарече, важна е суштината она што чесно одговорно го нудиме на граѓаните. Ние овој пат во фокусот на целокупната програма е расчитување со остатоците на режимот во делот на судството и правосудството. Еден од столбовите на нашите принципи ќе биде ред, дисциплина и правда…. Воопшто не е дилема дека нашата програма ќе биде трансформација на државата, на институциите да може со ред и поред да ги завршите сите работи во институциите, да добиеме дигитална држава“, тврди Николовски.

Инаку, во 2016 година БЕСА нудеше концепт на редефинирање на целиот политички и правен систем во Македонија кој што би резултирал со создавање на заедничка консензуална државата на Македонија и Албанците.

Токму неприфаќањето на Заев на овој концепт беше причина Касами да одлучи да не влезе во владина коалиција со СДСМ по изборите во 2016.