Редок примерок на Уставот на САД понуден на аукција

Оригиналниот примерок од Уставот на Соединетите држави, еден од само двата за коишто се знае дека се во приватна сопственост, ќе биде продаден на наддавање во декември, а се очекува дека ќе постигне цена од 30 милиони долари, објави во вторникот аукциската куќа Sotheby’s.

Конечната верзија на американскиот Устав е печатена во 500 примероци и им е поделена на учесниците на Уставната конвенција 1787 година, меѓу кои и Џорџ Вашингтон, Александер Хамилтонн и Бенјамин Френклин, но речиси сите со текот на времето се изгубени. Познато е дека се сочувани 13, од кои 11 се во сопственост на владата и институции.

Минатата 2021 година еден од двата примероци во приватна сопственост беше продаден за 43,2 милиони долари. Го купи менаџер на хеџ-фонд Кен Грифин,, кој понуди повеќе од групацијата од 17.000 инвеститори во криптовалути кои собраа 40 милиони долари за да го купат документот, ветувајќи дека ќе биде изложен во јавен дигитален домен.

Грифин го постави рекордот за највисока цена некогаш платена за историски документ на наддавање, според Sotheby’s. Неговиот примерок на Уставот на САД е изложен во бесплатен јавен музеј.

Вториот примерок ќе биде продаден на аукција на 13-ти декември за сума којашто би можела да достигне до 30 милиони долари или повеќе, изјави Ричард Остин стручњак за ракописи и стари ракописи во филијалата на Sotheby’s во Њујорк.

Остин за AFP изјавил дека би сакал да види „дека уште едно приватно лице или можеби група ќе биде одговорна за грижата за овој многу важен документ“. Примерокот, инаку, ќе биде изложен во Sotheby’s во Њујорк од 4-ти ноември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.