Референдумот е за промена на името, а не за влез во ЕУ и НАТО

Невенка Стаменковска, пратеничка во Собранието на Република Македонија во вчерашното нејзино гостување во Дебатната емисија на Македонската телевизија истакна дека доколку се компромис за склучување на договор или спогодба тогаш и двете страни се откажуваат во ист процент се со цел да се постигне компромис, што не е случај со договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција.

Според Стаменковска единствен кој што е овластен за потпишување на меѓународни договори е претседателот на државата, односно  владата на СДСМ избегнувајќи ја институцијата претседател на државата го прекршила законот за ратификација и имплементација на меѓународни договори како и Уставот на Република Македонија

Меѓународното право за вакви работи признава склучување на договор кое што според нашиот Устав односно член 119 и според законот за ратификација и имплементација на меѓународен договор единствен кој што е овластен да потпише ваков вид на договор е претседателот на Република Македонија, а тоа шверцерски се направи од страна на владата на СДСМ и се направи спогодба во некоја рамка да може потпише министер, избегнувајќи ја институцијата претседател на државата, вели таа.

Стаменковска нагласи дека во спогодбата Република Македонија не се именува како Република Македонија, туку како втората страна, односно како што рече таа во меѓународното право не е познато склучување на договор или спогодба со непозната држава, што значи дека од самиот почеток оваа спогодба помеѓу Македонија и Грција е ништовна.

Пратеничката Стаменковска ги коментираше изјавите дека овој договор претставувал можност за отворање на вратите во Европската унија, додавајќи дека пред само неколку дена Макрон во видео каде што се обраќа на граѓаните на Македонија, изјавил дека овој референдум е за промена на името на Република Македонија, во Република Северна Македонија, како и ставот на државната изборна комисија дека договорот е за промена на името, а не за влез во ЕУ и НАТО.

Велат дека со ова се отвора вратата за влез во Европската Унија, а само пред неколку дена и Макрон излезе со ставот дека овој референдум е за промена на името во Северна Македонија. Тој никаде не нагласи дека тоа е  референдум за влез во Европската унија. Државната изборна комисија излезе со истиот став дека овој референдум е за промена на името на Република Македонија, а не е референдум за тоа дали ние ќе влеземе во ЕУ и НАТО, изјави Стаменковска.