Референдумот на работ од цензусот, покажува анкетата на ИПИС

Референдумот кој ќе се одржи на 30-ти септември за промена на уставното име на земјата е  под самата граница да го мине потребниот цензус од 50 отсто од запишаните избирачи плус еден, судејќи според последната анкета објавена во понеделникот, а којашто ја спровел Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) спроведе истражување во периодот помеѓу 15-ти и 18-ти септември 2018 година и со кој се опфатени 1.110 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.

Во моментот кога било  завршено истражувањето, односно  54,3 отсто од граѓаните изјавиле дека ќе гласаат на референдумот (43,4 отсто „за“ и 10,9 отсто против).

„Во деновите до референдумот се очекува натамошен пад на оние кои би гласале против со оглед на отсуство на кампања која би ги мотивирала да гласаат, но и одреден пораст кај оние кои би гласале „за“, како и оние кои ќе се одлучат да бојкотираат“, коментираат од Институтот.

Меѓутоа, презентираните бројки покажуваат дека во споредбата меѓу август и септември процентот на оние кои ќе гласаат „за“ останал речиси непроменет, има пораст за 0,2 процентни поени, додека пак зголемувањето на испитаниците кои се определуваат за бојкотирање на референдумот изнесува цели 6 отсто, односно од 22,7 отсто во август на 28,7 проценти во септември. Двојно, пак, е намален бројот на оние кои се изјасниле дека ќе гласаат против од 22 отсто во авгист на 10,9 отсто во септември.

Покрај тоа, разликата од пет процентни поени пораснала компарирано за двата споменати месеца од 12,1 на 17 отсто и кај оние кои се немаат изјаснето.

Од Институтот напомнуваат дека процентите во анкетата се однесуваат на гласачите со место на живеење во Република Македонија, додека во избирачкиот список се опфатени и голем број граѓани кои во моментов не живеат во земјата.

Според нивните податоци за бројот на гласачи со место на живеење во РМ, а добиени посредно преку различни дата бази на податоци, во моментот на спроведување на истражувањето, на референдумот би гласале околу 42 отсто од граѓаните запишани во избирачкиот список. Со оглед на дозволената маргинална грешка од +/-3 проценти во анкетата, процентот на оние кои би излегле на референдумот заклучно со 18.09.2018 е во опсегот меѓу 39 и 45 отсто од граѓаните запишани во избирачкиот список.

Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за претстојниот референдум. Поради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, бил креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна била спроведена анкетата.

Истражувањетое реализирано со користење случаен примерок кој бил стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и регионалната застапеност, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности.

„Од споредбатаомеѓу истражувањето спроведено во август и најновото од септември се забележува дека нема значајни промени кај испитаниците кои ќе излезат на референдумот и ќе гласаат ЗА, додека има намалување кај оние кои се ПРОТИВ, за сметка на зголемувањето на оние кои НЕМА да гласаат/ќе БОЈКОТИРААТ. Зголемен е и бројот на неопределените. Овие трендови беа очекувани со оглед на тоа дека практично не постои кампања за референдумот која би повикувала на гласање против, додека најактивни се кампањите за гласање ЗА и кампањата БОЈКОТИРАМ (претежно на социјалните мрежи)“, наведуваат уште од ИПИС.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.