Анализи

Референдумот за името – Почеток на крајот и падот на Зоран Заев и СДСМ

Референдумот за името – Почеток на крајот и падот на Зоран Заев и СДСМ

По само две години владеење, СДСМ го означи почетокот на својот пад. Референдумот го покажа тоа.

Бројките, според ДИК, велат дека само 36,89 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи во Македонија, или 662.600 излегле на референдумот. Од нив, 91,48 отсто, или 606.200 се изјасниле „за“, додека 5,64 отсто, или 37.372 заокружиле „против“.

На гласањето за референдумот имаше пет категории гласачи. Првата категорија се партиски војници, кои гласаат по наредба и слепо и послушно веруваат во се’ што ќе им се каже во партија. Втората категорија се граѓани изманипулирани со прашањето, особено повозрасните, убедени дека навистина гласаат за подобра и посветла иднина за младите, но и оние убедени дека навистина гласаат за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО. Трета категорија се дел од гласачкото тело на ВМРО ДПМНЕ, но и останатите партии кои не се во коалиција со СДСМ, а кои сметаат дека договорот е шанса за решавање на спорот со Грција. Четврта категорија граѓани се партиски неопределени, но ценат дека иднината на Македонија ќе биде подобра ако на било кој начин се реши проблемот наметнат од Грција. И петта категорија се гласачите вработени во државна и јавна администрација кои излегле да гласаат под притисок и закана на своите претпоставени раководители, донесени на тие позиции како партиски кадри.

Од последните парламентарни избори во земјава, во декември 2016, преку локалните лани, Заев постојано се фалеше дека неговата коалиција предводена од СДСМ има поддршка од преку 700.000 гласови.

Каде тогаш исчезнаа околу 100.000 гласови негова поддршка? А, штом недостасува толкава бројка, едно е сигурно – почнат е падот.

Одзивот на гласачи, или излезноста на референдумот едноставно е разочарувачка за Заев и СДСМ, колку и тој од петни жили да се труди да го покаже и докаже спротивното. Излезноста значеше бројот на поддршка за Заев и СДСМ.

Но, таа поддршка му ја откажаа не само неговите гласачи од СДСМ, туку и Албанците и Ромите. Во Шуто Оризари на пример, од каде и Курто Дудуш и Амди Бајрам се со СДСМ, и има регистриани 23.454 гласачи, излегле само 40,21 отсто или 9.431.

Од средините каде преовладува или целосно е албанско гласачко тело, само две исполнија цензус, односно имаа излезност над 50 отсто. Тоа се Липково и Сарај, каде на крајно сомнителен начин процентот на излезност енромно се зголеми за многу кус временски период. Бројки не се потребни, бидејќи едноставно физички е невозможно толку гласачи за само два часа да гласаат. Секаде на другите места излезноста, односно одзивот на гласачите беше под 50 отсто. И во Тетово, и во Гостивар и во Струга и во Кичево, и во Арачиново, па дури и во Куманово, каде локалнат власта е во рацете на СДСМ повеќе од една деценија, а Куманово е општината со најголем број на гласачи – 92.000.

Дали ова значи дека во падот на СДСМ му се приклучува, полека но сигурно и ДУИ? Очигледно, да.

Многумина малиот одзив на референдумот го гледаат како шлаканица од граѓаните за СДСМ и нивните коалициски партнери, за лошото менаџирање со државата, за бедниот животен стандард на граѓаните, за ужасната економија, за немаштијата и сиромаштијата, за скандалозните милионски тендери за крадење пари од државниот буџет, за нарушената безбедност во секојдневниот живот, за несигурната иднина, за катастрофалниот образовен систем, за нездравото здравство, за бедната социјална политика, за партиското судство, за башибозукот во полицијата, за промашените кадровски решенија, за зголемувањето на задолженоста на земјава, за стопирањето на странските инвестиции и вработувањата на граѓаните… и на крај најмногу за она, „доста им беа на претходните 11 години, сега на нас е ред“, а очекувањата беа дека ќе дојде живот за сите.

Дополнителен проблем и тоа се’ поголем за СДСМ станува и внатрепартиската поделеност, на подобни и неподобни за бизниси и вработувања, како и фракциски борби за превласт и контрола на институциите на државата.

Одлуката на Заев по секоја цена да го протурка сосила договорот, кој патем самиот си го склучи со Грција, само дополнително ќе го забрза неговото тонење во политичката провалија. Дури и да успее да обезбеди двотретинско парламентарно мнозинство, и да го изгласа Преспанското пусулче во Собранието, тоа нема да може да му го продолжи политичкиот живот. Ќе го направи само пацинет во длабока кома, приклучен на странски апарати за одржување во живот.

Дополнителен доказ за тоа ќе му бидат претстојните претседателски избори во Македонија.