Реформи во туризмот и угостителството

Во секојдневното живеење постојано се соочуваме со овој израз, посебно во нашето општествено опкружување, дека се потребни неопходни или итни „РЕФОРМИ“ во образованието (ова посебно сега е најактуелно кај нас, кое го опфаќа директно и туризмот како научна дејност, инаку веднаш да кажам дека не сум за овие реформи дигитални као нешто иновативни, ама не сум ни да се остане само на печатени книги, туку микс на двете алтки за мене е најдобрата реформа, посебно во туризмот), реформи во здравството (за кои слушаме 20 години можеби и повеќе за нив), реформи во партиите кој прв ќе се реформира е најдобрата за народот можеби, реформи во економијата (таа и така кај нас е постојано во реформи), па така во последно време се слушаат и се повеќе гласини за тоа дали се потребни реформи и во туризмот и угостителството, посебно сега со новите услови што ги наметнува оваа светска пандемија и напредната технологија.

И веднаш кажувам едно големо ДА, потребни се реформи во туризмот и угостителството и тоа најитно институционално и содржинско во делот на подобрувањето на понудата, човечките ресурси и капацитетите.

Прво и основно, државата се соочува со потреба од итно донесување на Национална стратегија за туризам, која веќе подолго време воопшто и ја нема во овие сектори. Кога зборам стратегија, овде мислам на тоа не само да се изработи некоја си таму стратегија за развој на туризмот, туку нејзина правилна изработка во денешните модерни услови, институционална рамка на истата и целосна нејзина импементација (ова посебно зашто кај нас се носат низа стратегии во многу сектори но остануваат да фаќаат прашина подоцна во некоја од фиоките на владата, министерствата или агенциите).

Првата Национална стратегија за развој на туризмот ја донесовме во 2008 година. Кога бев на чело на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија, на тогашната влада им предложив дека по толку изминато време од осамостојувањето на Република Македонија, крајно е потребна една добро кохезирана и акциски предвидлива стратегија за период од 5 години. Со заклучок на владата беше итно прифатен овој став и даден предлог за отпочнување на постапка за изработка, донесување и запамтете го ова и нејзина најитна ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА. Истата стратегија беше изработена и акциски донесена со помош на експерти од Светската Туристичка Организација (патем бев на големо критикуван од страна на некои домашни експерти зашто се земаат странски експерти, а замислете тие истите експерти со сета научна фела, немаа направено ниеден стратегиски документ во туризмот, барем како подарок за државата во изминатите 16 години) и со помош на неколку локални експерти, ама во разни сегменти кои помогнаа да се креира првата државна стратегија. На сета радост на домашната јавност и стручност, успеавме по скоро една ипол година работа да ја изработиме и донесеме првата Стратегија за туризам.

Второ, голем проблем ни беше што после изработката, како да ја спроведеме истата на дело, а поебно што туризмот е мултикомплексна стопанска гранка, која има посредни и непосредни допирни контакти со останатите сектори, како што е потребата од добра инфраструктура и сигнализација (Министерството за транспорт и врски и општините), најголем дел од туристичката понуда на Македонија е во културата (Министерството за култура), природата и околината (Министерството за земјоделие и шумарство и Министерството за животна средина), финансиите најнеопходните за нејзината имплементација (Министерството за финансии) итн. Се јави потреба од кохезирано тело кое ќе го обединува туризмот и ќе ја координира и контролира самата нејзина имплементација. Па така, врз основа на предлог на експертите кои ја изработија самата стратегија да се донесе едно владино тело, дадов предлог до Владата за итна седница каде беше формирано меѓуресорно тело составено од повеќе владини и невладини институции кое го нарековме Комитет за туризам. Тој Комитет понатаму се покажа како одлично тело за координација на туризмот кое го водеше на чело тогашниот претседател на владата, а го менуваше потпретседателот на владата за економија и кое се покажа дека е полн погодок за имплементација на стратегијата. На тој комитет беа донесени можеби најважните одлуки за реформи во туризмот и угостителството,  реализирани голем број на проекти и решавани голем број на проблеми кои етапно се јавуваа во процесот на развој на туризмот. Потоа со доаѓањето на власт на оваа влада, тој Комитет беше тивко згаснат и не му се спомна име се’ до неодамна.

Имено на барање на туристичкото стопанство на 10 мај на седница на владата, а објавен во Службен весник на 17 мај бр.108, повторно е формиран Комитетот за туризам. Искрено ме радува што е донесен повторно овој Комитет и посебно што добро не’ имитираат во скоро сите постапки (што друго можат да понудат кога им недостасуваат идеи и проекти за туризмот, најлесно е да копираш) и своевидно најавен како помош во развојот на туризмот, а се надевам и отпочнување на реформите во туризмот. Ако го погледнеме составот, содржината на работа и задачите на овој комитет, освен она „copy“ нема ништо од најважното она „paste“. Мојата критика се однесува на недостаток на компетентни личности кои прво ќе го водат овој комитет и кој ќе го раководи истиот? Потоа нема замислете претставник од Министерството за култура каде се најголем број и најитни проекти за туристичката понуда, како и претставници од федерациите за спорт и туризам во природата, за кое во последно време во светот се повеќе се одава простор на оваа туристичка понуда. Ако се погледне членот 5, во делот на задачите на комитетот, првата точка веднаш кажува дека нема реформи во туризмот, ниту нешто спектакуларно треба да се очекува од работата на овој комитет. Нема никаде имплементации на стратегиски документи и проекти, туку само координација при изработката на националните стратегии (што во основа значи немаат ни план за отпочнување со изработка на национална стратегија), а ако на ова се додаде и членот 10, каде се вели „Комитет за туризам доставува извештај за својата работа до Владата на Република Македонија, најмалку еднаш годишно“, тогаш искрено овој комитет нема функција за искрена работа. Нашиот Комитет господа, носеше одлуки со заклучоци кои веднаш беа преточувани на наредната седница на Владата и задолжителни за наведените институции од самите заклучоци. А потоа на наредниот комитет се следеше  нивната реализација. Овде во овој Комитет тоа никаде го нема.

И на крај трето, мојот сомнеж за немањето реформи, оди во насока на тоа дека веќе подолго време се збори за некаква „владина реформа“ во делот на укинување или спојување на низа владинина агенции и директорати во еден единствен директорат, каде ќе бидат пренесени ингиренциите на Агенцијата за директни странски инвестиции, Дирекцијата за индустриски развојни зони, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Секторот за туризам и угостителство пр Министерството за економија и тоа врз основа на студија изработена од страна на некоја естонска консултантска куќа, која највероватно е усвоена од Владата и дадена насока за нејзина реализација. Гласините одат до таму што туризмот е ставен во овој директорат само како едно одделение зафрлено во еден дел од предложената систематизација (мене ова искрено ми звучи како ставање стечај на туризмот во државата). Замислете сега мои почитувани колеги и пријатели, сета борба што во изминативе 20 години и повеќе, ја водевме за подигнување на свеста на туризмот во јавноста, неговото значење во делот на економијата, реформите во него, правењето на моќна институционална рамка на двете постоечки тела во туризмот, сега наеднаш се се поништува и се сведуваме на едно одделение за туризам, без национална стратегија и без идеи за иднината во 21 век. Реформи се итно потребни во двата сектори носители на туризмот, но не во нивно укинување и немање интерес за туризмот воопшто.  За каква реформа во туризмот зборувате и ќе очекуваме повторно да ги доживуваме благодетите од него и бројот на туристите и девизните приливи, за кои одредени владини личности постојано сакаат да ги истакнуваат и фалат по медиумите. Без визија и акција каде понатаму!!! тешко се оди на краток пат, а не пак се прави краткорочна развојна стратегија, за долгорочна и да не правиме муабет. Но да бидеме живи и здрави па ќе видиме, немој само утре пак да испадне дека не сум ви кажал.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес