Реформите во судството не значат раформирање на граѓаните

Ставовите дека државата ја има најголемата моќ се ставови кои се целосно извртени согласно потребите на државата, а не согласно потребите на граѓаните.

Тоа е така затоа што власта на државата ја пренесуваат граѓаните, тоа значи дека најголемата моќ е во граѓаните.

Од тие причини, секогаш кога е во прашање решавање на проблеми од карактерот на владеење на правото, не можат да се прават компромиси во однос на неприкосновените права на граѓаните, а кои не се само законски определени, но во најголем дел се и Уставно загарантирани.

Во едно демократско општество, интересите на заедницата не можат и не смеат да бидат над интересите на граѓаните, а секоја моментална политика во обратен правец, доведува исклучиво до целосна несигурност на граѓаните.

Правичната судска постапка предвидува гаранција за заштита на загрозените и разнишани права на граѓаните, но секако во законита судска постапка, а не во произволна судска постапка каква што со години се изнагледавме и изнаслушавме.
Државата мора да ја превземе обврската за обезбедување на „еднакви шанси“ за сите и за секого, вклучително и кога противник во судската постапка е државата, сето тоа преку доследна примена на Уставот, законите и меѓународно ратификуваните акти.
Тоа подразбира дека реформите секогаш треба да бидат свртени кон општите интереси на граѓаните при остварувањето на своите права.

Правната сигурност за сите подразбира сигурност во секој дел од правото.
Правата на граѓаните не се губат само во кривичниот суд, правата на граѓаните се губат и во граѓанскиот суд, во кој на граѓаните им се одземаат или им се ограничуваат граѓански права кои по ниту еден основ не можат да бидат одземени или ограничени.
Примерите не се само во делот на водење на постапките, примерите се и во делот на извршување на Пресудите.

Правната наука познава две категории во делот на Пресудите – Извршност и Извршливост на Пресудата.

Извршливоста на пресудата претставува начин на добивање на страна на граѓанинот на она што е иречено во самата Пресуда.

За извршливоста на Пресудите, како и законодавецот, така и Европскиот суд за човекови права во Стразбур, имаат завземено став дека извршливоста на Пресудите е исто така на одговорност на правосудните органи.

Тука можат да се редат безброј примери, од неможноста да се наплатат правосилни Пресуди против јавни претпријатија формирани од страна на државата и тоа со години, од неможноста да се наплатат правосилни Пресуди против Општини во Република Македонија, но без никакво поместување од страна на правосудниот систем во спречување на ова дотолчување на народот во неможноста да ги остварат своите права.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур се има произнесено со јасен став околу вакви прашања, коментирајки дека, да, државата има право да се заштити околу одлевањето на парични средства и по вакви основи – судски решенија, но само во ограничени рокови, дефинирајки дека таквите рокови не можат да бидат поголеми од 6 месеци, затоа што се претпоставува дека државата е доволно способна да може во овој рок од 6 месеци да се консолидира на тоа поле и по таквата консолидација да ги исполни обврските према граѓаните.

Наместо консолидација на ова поле, граѓаните се оставени на немилост во одредени моменти и повеќе од десет години да не можат да ги остварат своите права од правосилни Пресуди.

Од тие и такви причини, граѓаните реално го поставуваат прашањето зошто тогаш
служат судските постапки и зошто служат правосилните Пресуди. Тука да не ги споменуваме застарените сметки од комунални претпријатија, па во Македонија имавме една наезда од наплатување на сметки за струја, парно, вода кои датираат повеќе од 10 години, дури имаше сметки кои датираат и повеќе од 20 години, но правосудниот систем во Македонија, на некој чуден и на само нив разбирлив начин го прифаќаше тоа.
На тој начин, реформите во судската власт не се постигнуваат со ослободување на 700 или 800 осуденици, туку со коренити промени кои ќе значат правна сигурност за сите.
Тоа е така затоа што власта може да амнестира не 700, туку и 7.000 осуденици, но доколку по казнено-поправните установи останат и само 7 осуденици кои се неосновано осудени, секако целта не е постигната. А, тоа најмалку значи реформа во правосудството.

Реформите во правосудството се прават со системски закони во делот токму на таргетирањето на оние слабости кои се воочени со текот на времето, а кои перманентно се провлекуваат како негативни конотации на Советот на Европа во нивните извештаи во делот на правосудниот систем во Македонија.

Со тоа, поимот кој стоеше во Предлог-Законот за амнестија – „добрата воља на Владата“, воопшто не претставува реформа во правосудството и истата воопшто не навлегува во решавање на слабостите на правосудниот систем на Македонија. Реформите во судската власт подразбираат коренити промени, но не само во законската регулатива, но и во практицирањето на правото и на правдата од страна на судовите, спротивно на ставот и на Претседател на Суд, кој ги посочи граѓаните како воновници за корупцијата во правосудството.

Заради тоа, реформите во правосудството подразбираат реформи во практицирањето на правото од страна на судовите, а не реформи и реформирање на граѓаните.

Автор: адвокат Стојанче Геровски, магистер по меѓународна политика, за НетПрес