Регионот со забрзан процес за полноправно членство на Македонија во НАТО

Македонија доби поддршка од три држави за пристапување во НАТО. Од друга страна, Бугарија, Црна Гора и САД најавуваат изгласување на Пристапниот протокол наскоро, а ќе се чека на уште 24 земји до полноправно пристапување во Алијансата...

Грција, Словенија и Албанија се единствените три држави, од вкупно 29-те земји-членки на НАТО, кои досега го ратификуваа во националните парламенти Пристапниот протокол за членство на Македонија.

Согласно Договорот од Преспа, токму Грција беше задолжена прва да го ратификува протоколот, откако ќе биде известена од домашните власти, дека кај нас е завршен процесот на уставните измени. Со 153 гласови гласови „за“, грчкиот парламент, по 11-часовна расправа, на 8-ми февруари во доцните вечерни часови, го усвои Пристапниот протокол. Протоколот доби поддршка од пратениците на владејачката СИРИЗА, предводена од премиерот Алексис Ципрас, нивните коалициони партнери, како и неколку независни пратеници, а „против“ се изјаснија 143 пратеници, претежно од опозициската Неа демократија, но и дел од пратеничката група на Независни Грци, предводена од Панос Каменос.

Словенија беше втората држава која го финишираше процесот на ратификација на пристапниот протокол во Државниот збор, на седница на која присуствуваше и претседателот на Собранието, Талат Џафери. На 12-ти февруари, Македонија доби поддршка од 72 словенечки пратеника да пристапи во Алијансата, а против гласаа 12 пратеници, од левицата и националната партија, кои истакнаа дека македонските граѓани нема да имаат никаков бенефит од членувањето во воениот сојуз.

По Љубљана, спикерот Џафери, отпатува за Тирана, каде во четвртокот, и западните соседи кажаа „да“ за зачленување на Македонија во НАТО. Овојпат, прашањето за ратификација на протоколот, успеа да ги обедини народните избраници од мнозинството и опозицијата, кои дадоа поддршка на процесот со 130 гласови, а само еден гласаше „воздржано“. Сепак, во албанската јавност оваа информација беше проследена во сенка на инцидентот, кој се случи неполн час по изгласувањето на протоколот, откако премиерот Еди Рама, кој беше присутен во собранието, беше полиен со мастило, од страна на пратеник од опозицијата. За македонската јавност пак, гласањето на протоколот, измина во ден на жалост, поради трагичната сообраќајна несреќа, во која животот го загубија 15 лица.

Сериозна најава за ратификација на Пристапниот протокол сега има единствено од бугарското Народно собрание, каде в среда ова прашање ќе биде поставено пред пратениците. Парламентарната Комисија за одбрана на 15 февруари го одобри протоколот и им препорача на пратениците да го усвојат, но она што е неизвесно е колкава поддршка ќе добие зачленувањето на Македонија во НАТО, поради тоа што пратениците од опозициската БСП најавија дека го напуштаат собранието, со образложение дека власта го менува Изборниот законик, а со измените нема да се гарантираат слободни и фер избори. На седницата е најавено дека ќе присуствува и Талат Џафери.

Минатата недела, Владата на Црна Гора го усвои Предлогот за ратификација на Пристапниот протокол и го испрати по итна постапка до собранието на усвојување. Црногорските власти најавија дека членството на Македонија во НАТО наскоро ќе биде разгледувано на пленарна седница. Со задоволство ја искажуваме желбата нашата пријателска земја, процесот на членство да го заврши што поскоро и да стане 30-тата членка на НАТО, напиша премиерот Душко Марковиќ на твитер.

Конгресот на САД се подготвува да го ратификува Протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО, изјави неодамна вицепремиерот Бујар Османи, кој беше во работна посета на Вашингтон. Тој нагласи дека има поддршка за усвојување на протоколот, но не шпекулираше со датуми за можното одржување на седницата, на која на дневен ред би се нашло прашањето за пристапување на Македонија во Алијансата. Во САД неопходно е двотретинско мнозинство за усвојување на Пристапниот протокол.

Претходно од НАТО истакнаа дека очекуваат Република Северна Македонија да биде 30-тата земја-членка до март 2020 година, додавајќи дека процесот на ратификација во националните парламенти вообичаено трае од 12 до 14 месеци. И националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, потврди дека Владата очекува Македонија да биде полноправна членка во првиот квартал од 2020 година.

Дотогаш, на министерските состаноци во Брисел, министрите за надворешни работи и одбрана, Никола Димитров и Радмила Шекеринска, ќе може да присуствуваат и учествуваат, но без право на глас. Одредени состаноци, на кои се разменуваат високо чувствителни информации нема да бидат отворени за Македонија сѐ до полноправното членство, појасни генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, кој истакна дека таков е случајот со состаноците кои се однесуваат на нуклеарното планирање.