Регистарските таблички на автобусот на „Бесa Транс“ не постојат, полицијата и царината молчат

Министерството за внатрешни работи испрати извештаи за неспроведување на анти-ковид мерките за автобусот кој ја предизвика трагедијата во Бугарија, во тие извештаи се евидентирани регистарски таблички кои не постојат, откри во вторникот вечерта во емисијата „Клик Плус“ директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини.

„Ја поминал границата над 130 пати. Јас добив 58 извештаи од Министерството за внатрешни работи од Деве Баир и сите регистарски таблички на возилата се регистрирани. И јас ја имам оваа регистарска табличка. Но, тоа не е тој автобус. Табличката на овој автобус не постои“. одговори Хусеини одговарајќи на новинарското прашање дали автобусот бил нерегистриран.

Хусеини беше зачуден како Царинската управа дозволила автобусот на „Беса Транс“ да ја помине границата без лиценца. Рече дека царинската управа има законска обврска да го извести Инспекторатот доколку некој автобус не поседува лиценца, додавајќи дека царинарниците не смееле да му дозволат да излезе вон државата.

„Јас не сум одговорен за ова што се зборува дека ја поминал границата 130 пати и што не е регистриран никаде, и јас се чудам. Јас не добив никакво известување од Царинската управа дека автобус на икс компанија ја поминал границата без извод од лиценца, и покрај тоа што има законска обврска да ме извести и да не дозволи автобусот да ја помине границата. Едно нешто е јасно – ако нема извод, не смее да ја помине границата“, истакна Хусеини.

Во однос на овие две прашања, ТВ21 побарале одговор и од МВР и од Царинската управа, но во овој информативен магазин не добиле одговор.

Инаку, во пожарот кој изби во автобусот на „Беса Транс“ на 23-ти ноември во Бугарија додека се враќаше од Турција трагично настрадаа 45 патници, а со повредени се здобија 7 лица.