Регистрирани 40 нарушувања поврзани со референдумскиот процес

Во текот на организирањето и спроведувањето на референдумот вкупно се регистрирани 40 нарушувања поврзани со остварување на правото на глас и референдумот, изјави Претседателот на Привремената комисија при Јавното обвинителство за следење евентуални противправности кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.

На подрачјето на надлежност на Вишото јавно обвинителство Скопје еден предмет е оформен во текот на кампањата, додека останатите  настани се однесуваат на денот на референдумското изјаснување. Станува збор за предмет оформен со спојување на три кривични пријави поднесени од две политички партии и едно здружение, а се однесуваат за ист настан, против исто лице, за наводно изречен јавен повик за поткуп при избори и гласање и за повреда на слободата на определување на избирачите, односно за прекршување на чл. 162 и чл. 160 од Кривичниот законик. Пријавите беа доставени до Основното јавно обвинителство Скопје и препратени на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Куманово. Предметот е оформен, распределен кај надлежен јавен обвинител и по него се постапува во насока на проверка на наводите во кривичните пријави, изјавил Бајрами.

Според него, на денот на гласањето не се регистрирани нерегуларности на подрачјето на Основното јавно обвинителство Куманово, Основното јавно обвинителство Крива Паланка, Основното јавно обвинителство Велес, Основното јавно обвинителство Кавадарци и Основното јавно обвинителство Гевгелија. На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола, не се евидентирани настани за евентуални нерегуларности при спроведувањето на Референдумот на територијата на која што се надлежни Основното јавно обвинителство Прилеп, Основното јавно обвинителство Ресен и Основното јавно обвинителство Охрид.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар не се пријавени настани  во Основно јавно обвинителство Тетово,  Основно  јавно обвинителство Кичево  и Основно јавно  обвинителство Дебар, ниту пак  е поднесена кривична пријава во врска со референдумското гласање.

Освен овие 39 евидентирани настани на денот на гласањето низ Републиката, на отворената електронска адреса referendum@jorm.gov.mk, на која граѓаните можеа да поднесуваат информации пред, за време и по на одржување на референдумот, до овој момент пристигнати се вкупно 15 информации од граѓани и две кривични пријави за нерегуларности поврзани со процесот на гласање. Двете кривични пријави кои се од една политичка партија веднаш се доставени до Основното  јавно обвинителство Скопје на натамошно надлежно постапување. Обвинителите работат на предметите и веќе се преземаат соодветни дејствија. Другите пристигнати информации се разгледуваат и доколку се утврдат елементи на кривично дело, тие ќе бидат доставени на постапување во надлежно обвинителство. Јавното обвинителство на Македонија продолжува да ги следи сите информации по кои, како и по евентуално поднесени нови кривични пријави ќе постапи согласно својата надлежност, вели Бајрами.