Регистрирани две подводни експлозии во областа на истекување на гасот од Северен тек

Две моќни подводни експлозии се регистрирани во областа на истекување на гасот на трасата на цевководите Северен тек 1 и Северен тек 2, објави на Twitter во вторникот новинарот на шведската јавна телевизија SVT, Карл Фрид Клеберг, повикувајќи се на тамошните сеизмолози.

Шведските сеизмолози регистрирале две експлозии кои се случиле на 26-ти септември, во понеделникот, на трасите на гасоводите Северен тек 1 и 2.

Според податоците на Шведската национална сеизмичка мрежа, мерните страници регистрирале две јасни експлозии. Едната од нив имала магнитуда од 2,3 по Рихтер.

„Нема сомнение дека тоа биле експлозии“, изјавил за телевизијата Берн Лунд, портпарол на шведскиот сеизмолошки центар.

Германскиот дневен весник Tagesspiegel објави дека додека губењето на притисокот во трите цевковода меѓу Русија и Германија сè уште официјално се истражува, Берлин повеќе не е убеден дека тоа е случајност и се сомнева дека е „насочен напад“ или од Украина или од Русија. Според весникот, германската влада и агенциите кои го истражуваат инцидентот „не можат да замислат сценарио кое не е насочен напад“.

Во написот се објаснува дека во намерниот напад на дното на морето мора да бидат вклучени специјални сили, морнарички нуркачи или подморница. Берлин, наводно, испитува две можни сценарија. Во првото Украина или „силите поврзани со Украина“ би можеле да стојат зад нападот. Втората опција е Русија да го направи тоа како „лажно знаме“, за да ја обвини Украина и да ги зголеми цените на енергијата во ЕУ.

Шведската поморска управа во вторникот предупреди на две истекувања на гасоводот Северен тек 1 во шведските и данските води, набрзо откако беше откриено истекување и на гасоводот Северен тек 2. Истекувањето е лоцирано североисточно од данскиот остров Борнхолм, но истакнаа дека засега не е позната причината.