Регулаторите во САД ја ограничуваат продажбата на цигари со ментол и други вкусови

Американскиот регулатор бара ограничување на продажбата на цигари и цигари со ментол и други вкусови, за да се спречи навиката за пушење особено меѓу младите.

Американската агенција за храна и лекови (FDA) смета дека ароматизираните производи го прават тутунот попривлечен за младите, потсетувајќи дека податоците покажуваат оти повеќето пушачи ја стекнуваат оваа лоша навика пред 21-та година. Од агенцијата притоа нагласуваат дека нивната цел не е забраната, туку ограничувањето на продажбата на тутунски производи преку строго пропишан простор за нивното изложување, надвор од видокругот на младите.

„И натаму ќе ги темелиме своите потези на најдобрите достапни научни сознанија. А кога е во прашање заштитата на младите, ќе продолжиме со широкиот дијапазон на превентвни и мерки за спроведување на законите“, изјави претставникот на FDA, Скот Готлиб.

Цигарите со ментол и други вкусови се многу популарни меѓу младата црнечка популација во САД, според достапните податоци на агенцијата. Поради тоа, токму оваа популација е честа цел на маркетиншките потези.

Пушењето во САД е сведено на најниското ниво во историјата, меѓутоа здравствените работници ги загрижува зачестеното користење на електронските цигари, особено меѓу малолетниците. Претходно седмицава, произведувачот на електронските цигари „Juul“ објави дека ќе ја намали достапноста на своите ароматизирани производи, во очекување на најавата на FDA. Производителот има инаку најголем удел на американскиот пазар на ароматизираните тутунски производи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.