Регулаторна комисија: Нови цени на водите по регулирана тарифа

Нови цени на водата ќе има од 1 јануари идната година. Сметките за вода може да пораснат во  населените места кои имаат над 10 000 жители, но не смеат да бидат повеќе од три отсто од семејниот буџет.

Регулаторната комисија за енергетика го презема секторот за води, ги подготвува подзаконските акти  во соработка со консултанската куќа Нирас и треба да ја утврди просечна, минимална и максимална тарифа.

Од таму велат дека не се знае каде и колку ќе поскапи водата бидејќи за тоа одлучуваат Советите во општините, а тарифите ги определуваат претпријатијата.

“По ова остануваат уште 45 дена да се утврди цената. Досега има околу 75 барања од комунални претпријатија  за зголемување цената на водата. Околу 80 проценти од нив работат без загуби, така што претпријатијата се обврзани со парите од цената на водата да вложуваат во усовршување на системот, а не за други давачки како што било случај досега “, велат во Регулаторна комисија.

Н а крај на годината комуналните претпријатија треба да приложат годишен финансиски извештај од кој Регулаторна комисија ќе има увид како се трошеле парите. Досегашните анализи покажуваат дека голем дел од населените места треба да ги задржат актуелните цени.