Регулаторна со рекорден буџет за наредната година

Деновиве сме сведоци на уште едно мегаломанско трошење на државните пари на граѓаните. На страната на Собранието на Република Македонија е објавен Предлог финасискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, каде се забележуваат интересни податоци.

Во ставката плата и надоместоци на плата најзабележливо е зголемувањето на бројот на вработени од сегашните 30 на 50, односно за фантастични 66% и тоа за 14 месеци (претстојниве 2 месеци ќе се вработат 14 лица од кои за 8 веќе е почната постапка за вработување и во 2020 година за уште 6 лица), што е невиден преседан за едно тело како што е Регулаторна комисија која треба да биде надпартиска и пред се професионална и независна институција во интерес на граѓаните.

За 2019 нето предвидената маса за плати (без данок и придонеси) е 31.402.100 денари, со тоа што за првите 10 месеци потрошени се 16.851.060, па се поставува прашањето како за последните два месеци се предвидени дури 6.437.760 денари нето маса за плати да се потрошат (дали можеби ќе си делат бонуси и слично). Дури и со такви предвидувања кои ако се остварат за последните два месеца стигнуваат до бројка од 23.288.820 денари за нето плати за 2019 година. За 2020 година за нето плати предвидуваат 34.248.265 денари што во однос на 23.288.820 е зголемување за 47%.

Наведено е дека: „14 лица се предвидува да се вработат до крај на 2019 година и 6 лица се предвидува да се вработат во текот на 2020 година.“

РКЕ започнува со работа во 2003 година. До сега се изминати 16 години. Во наведениов период според Годишниот извештај за работа на РКЕ за 2018 година, заклучно со 31.12.2018 имало 22 вработени без самите членови на Комисијата.

Ако се земе во предвид дека во период од 16 години е достигнат број од 22 вработени, од Финансискиот план произлегува дека новиот состав на РКЕ за период од само 2 години претендира бројот на вработени енормно да го зголеми за скоро 100%, односно да го дуплира.

Дополнително, навистина е нејасно зошто ако уште во 2018 година се утврдила т.н. „потреба за вработувања поради зголемениот обем на работа и работни задачи“, постапката не започнала веднаш, туку на крајот од 2019 година.

Ако РКЕ можела да фунционира без дополнителните вработувања скоро една година, тогаш се поставува прашањето која е реалната потреба? За неоправданоста од толкав број на вработувања специфично е и тоа што пак во самиот Годишниот извештај за работа на РКЕ за 2018 година не е наведено дека, на пример, работата на РКЕ била пропратена со потешкотии токму поради недостиг на вработени.

Загрижува и тоа што потребата за вработување е наведена паушално, без притоа да се наведе кои области треба да се покријат со вработување и без да се оправда со конкретна спецификација за кои работни места се однесува, за кој профил на кадар, за кои струки и слично.

Дилема е само тоа дали вработувањата се за партиски војници или за „соборци“ припадници на Шарената револуција?

Инвестиционо одржување на средствата 

Наведено е дека: „трошоците за инвестиционото одржување на средствата за 2020 година се планирани да се зголемат за 18,11% во однос на одобрените со финансискиот  план  за 2019 година, заради надградба и превентивно одржување на новиот софтверски систем за водење на лиценци. Оваа група на трошоци за 2020 година, покрај трошоците за одржување на основните средства, ги вклучува и трошоците за веб хостинг на веб страната на РКЕ, надградба и превентивно одржување на портали и софтверски систем за водење на лиценци и слично.“

Се поставува прашањето колку е оправдан ваквиот трошок во случаи кога РКЕ може тоа самата да го прави од редот на вработените бидејќи од графичкиот приказ на систематизацијата содржан во Годишниот извештај за работа за 2018 година произлегува дека има Сектор за информатички технологии и статистика, а особено што во конкретниот предлог финансиски план за 2020 година има дуплирање на вработувањата.

Издатоци за репрезентација и бифе 

Наведено е дека: „Трошоците за бифе вклучуваат трошоци за вода за пиење, кафе и чај, кои во 2020 година се очекува да се зголемат за околу 100% (или да бидат во вкупен износ од околу 800.000 денари)“.

Дали ова зголемување од 100% се поклопува со заложбите на парламентарното мнозинсто изнесени за време на изборните кампањи дека токму ваквите трошоци ќе бидат елиминирани? Сега е момент да се покажат на дело таквите заложби.

Трошоци за службени патувања и патни трошоци 

Наведено е дека: „Трошоците за службени патувања и патните трошоци во земјата и странство за 2020 година планирани се за 15,08% повеќе во однос на одобрените трошоци со финансискиот план за 2019 година, како резултат на потребата за обука и стручно усовршување на новите вработени.“

Зарем обуките и стручното усовршување на новите вработени не можат да се вршат од редот на постоечките вработени или во Скопје каде е и седиштето на РКЕ? Особено загрижува тоа што во точка 1 стои дека кадровското доекипирање било со соодветен високостручен и обучен кадар. Дали има оправданост под овие околности и воопшто да се генерираат трошоци за службени патувања и патни трошоци?

Интелектуални и други услуги 

Ставката за интелектуални и други услуги е зголемена скоро за 100%.

Ставката авторски, нотарски и други правни услуги се зголемува за 85%. Друга зголемена ставка е  Авторски хонорари, договор за дело и консултантски услуги  кај која за 2019 има 1.500.000 денари, а за 2020 година трипати повеќе односно 4.500.000 денари. Уште попарадоксално е дека во финансовиот план во членот 3.6 интелектуални и други услуги има објаснување дека ќе има зголемени трошоци за консултантски услуги-ангажирање на стручни лица од МАНУ, ЕТФ и МФ. Па се поставува прашањето ако за некоја јавна набавка за Консултантски услуги се распише тендер, како тоа знаат дека некој од овие три гореспоменати институции ќе го добие истиот, кога на јавен повик за таков вид на услуги може да се јави правно лице од земјава или странство кое дава таков тип на услуги?

Ставката промотивно информативни услуги е зголемена за 40%, па се прашуваме што ќе промовира комисијата во 2020 година кога до 30.09.2019 таа ставка била 0 денари.

И тука се поставува прашањето дали има оправданост за дел од ваквите трошоци во случаи кога со истиот план е предвидено дуплирање на бројот на вработени со, како што е наведено, соодветен високостручен и обучен кадар?

Опцијата за избор е една – или откажување од планираното дуплирање на вработените или откажување од дел од овие трошоци за 2020 година (особено авторски хонорари, договор за дело и консултантски услуги) кои треба да бидат покриени од страна на вработените.

Од приложениот план може да се заклучи дека- Предлог финансискиот план за 2020 година на РКЕ е мегаломански и галантен. Парите кои ќе се добијат од давателите на водни услуги, како и носителите на лиценци за енергетски дејности се народни пари, кои компаниите после ќе ги повратат преку барањата за цени за струја, вода, нафта и гас, а сето тоа ќе оди на грбот на фирмите и граѓаните кои ќе ги плаќаат тие цени за енергенсите.