Реина ужива во Минхен

Шпанскиот фудбалски репрезентативец кој беше соиграч на македонскиот интернационалец Горан Пандев во Наполи Пепе Реина, се пресели во редовите на Баерн од Минхен.

Искусниот чувар на мрежата во Италија беше позајмен од „Енфилд роуд“ и понуди одлични изданија меѓу стативите претходната натпреварувачка кампања.

„Се радувам што сум во еден од најдобрите фудбалски клубови на светот. Уживам во Минхен“, вели Реина за официјалната интернет-страница на Баварците.

Во редовите на бундеслигашкиот шампион наредната сезона ќе чека можност од клупата, затоа што репрезентативниот голман на Германија, Мануел Ноер е прв избор на тренерот.

Чуварот на мрежата кој настапувал и за Виљареал, со националната селекција на Шпанија освои две шампионски титули на Европско фудбалско првенство, како и една на Мундијал.