Река: Не сме подготвени да ги испорачаме клучните критериуми што ги побара ЕУ

Не сме подготвени да ги испорачаме четирите клучни критериуми коишто ни ги побара Европскиот совет, констатираше во средата вечерта претседателскиот кандидат Блерим Река во текот на телевизиската дебата на АлсатМ, во која учестуваа и опозициската кандидатка Гордана Силјановска Давкова и кандидатот на власта Стево Пендаровски.

Кога реков пред неколку месеци дека нема да добиеме датум за преговори во јуни, цела влада велеше ќе има датум. Сега и вицепремиерот (за евроинтеграции Бујар) Османи и премиерот (Зоран) Заев ретерираат, рече Блерим Река.

?Универзитетскиот професор искажа уверување дека како општество не поседуваме капацитети за испорачување на критериумите кои ги бара Брисел.

Ние немаме институционален и административен капацитет како што рече и министерот за информатичко општество и администрација, Манчевски да испорачаме клучни критериуми за ЕУ зошто во последната година не сме ангажирале високи експерти и затоа ќе биде тешко да добиеме датум, рече Река.

Појасни „со други зборови не знам дали Владата има еден или два става, што се однесуваат на датумот за преговори“.

Никогаш не сум рекол не сакам да добиеме датум, туку дека не сме подготвени како Влада да ги испорачаме барањата на евроспкиот совет од минатата година, рече Река.

Во продолжение Река му се обрати на кандидатот на владејачктие СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски прашувајќи го како си дозволува постојано да ѝ забележува на Гордана Силјановска Давкова дека ја поддржува партија на Никола Груевски (ВМРО-ПМНЕ) кој се поврзувал со режим, криминал, а во исто време него го поддржуваат две партии кои биле дел од таа влада.

„Дали сте среќни што ве поддржуваат ДУИ и ДПА што 11 години беа дел од владата на Груевски? Дали сте среќен што Имер Селмани е дел од вашата кампања? Мендух Тачи ја води добро вашата кампања, а е осуден за изборни нерегуларности“, рече Река.

„Јас сум прв кандидат етнички Македонец поддржан од партии од сите етнички заедници во земјава“, рече Пендаровски појаснувајќи дека Селмани не ја водел неговата кампања .

И при вториот обид на Река да добие одговор на прашањата, Пендаровски се обиде да го заобиколи одговорот, па ги спомена Титаник 1 и Титаник 2, но, како што кажа Силјановска Давкова, го заборава Титаник 3.