„Рекет“ изненадува се’ повеќе

1105

„Се сеќавам беше 11.00 часот навечер кога ми се јави Бојан, почна да вика по мене дека јас и Јордан Камчев сме го наместиле, разбрал дека Јордан Камчев дошол да го пријави случајот во Влада, викаше дека тој нема ништо со парите, дека тој не земал ниту денар, викаше дека најпрво Јордан го форсирал да помогне, а после го пријавил“.

Ова е дел од исказот на Зоран Милевски, кој тој го дал за мегаскандалот „Рекет“.

Е сега, таман некако се затиши, се потсмири работава околу овој колосален случај, кој од темел ја разниша Македонија, а власта ја распука по сите рабови, нови моменти се појавуваат. Тројцава седнати на обвинителна клупа во судница, очигледно не се единствени вмешани во случајот, не дека јавноста поверува дека само тие се актери во милионската изнуда на пари. Но, некако оние кои по се’ излгеда се најзасегнати успеаа да се извлечат од оваа криминална пајажина. Барем од кривичен прогон. Засега. За понатака ќе видиме.

Очигледно има докази дека Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски не се осамени. Како тоа Боки Тредичи „разбрал“ дека Орце Качев го пријавил случајот!? Како се „разбираат“ тие работи? Очигледно имал добар извор. Е така се „разбираат“. Квалитетен извор те информира во вистинско време за вистински работи. Ако не другите, барем ние новинарите тоа го знаеме одлично. Колку многу вреди едно такво „разбирање“ во вистинско време.

Обвинителството досега не презело ништо во врска со овој исказ на Милевски, но тоа не значи дека ќе остане така.

Засега Јанева, Јовановски и Милевски ќе бидат единствените кои ќе го јадат за „Рекет“. Ама само засега, сигурен сум не и понатака. Поточно за неколку месеци од сега. Еднаш, пред некој месец, напишав дека премногу голема е оваа игранка, премногу големи пари се во игра, а богами и премногу големи фаци се инволвирани, за само овие тројца на своите плеќи да го понесат сето правно бреме.

За неколку месеци Македонија ќе почне да се ослободува од ова заробено правосудство. Доказ за тоа е и изјавата на евроамбасадорот Самуел Жбогар, дадена во понеделникот. Тој вели дека не е сега момент за ветинг во судството. А јас, тоа негово „не сега“, го разбирам и како не со оваа власт!

Затоа во многу блиска иднина, за само неколу месеци убеден сум дека „Рекет“ повторно ќе шокира. Повторно ќе не’ стаписа со нови моменти. Повторно ќе ја тресе јавноста во Македонија. Со апсење на нови фаци и звучни политички имиња. Убеден сум дека Христијан Мицкоски нема да се двоуми во борбата за истерување на вистината на виделина, и сместување на сите инволвирани зад решетки. Секако сето тоа направено транспарентно и со цврсти докази.

И на крајот на краиштата сигурно му е јасно на Мицкоски како бел ден дека владеењето на правото е она по што сите во Македонија сонуваме и очајно копнееме. Да се увериме дека никој не е над законот. Дека сите сме еднакви пред лицето на правдата.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.