„Рекет“ му пресуди на мафијашкото владеење на Заев и СДСМ – Mора да „летаат глави“ од Илинденска ББ, преку Бихаќка број 8 до Рузвелтова број 34

Аферата „Рекет“ го разголе криминалниот свет и мафијашко владеење на СДСМ и Зоран Заев. Специјалното јавно обвинителство (СЈО), повеќе нема никаков кредибилитет кај граѓаните. Не само за случајот „Империја“, за кој се однесува „Рекет“, туку и за сите други предмети, бидејќи македонските граѓани неможат со сигурност да знаат дека и тие предмети не се користеле за изнуди и рекетирање на обвинетите. Од барање на кеш пари, до барање на дуќани.

Ако одредено лице изврши кривични дела со кои го оштетило државниот буџет, проневерило народни пари, тогаш оној што кривично го гони не значи дека тие украдени пари треба да му ги земе за себе, туку да и’ ги врати на државата, поточно на народот, а осомничениот да го доведе до стадиум на обвинет, и на крајот осуден. Се разбира преку патот на судскиот систем во Македонија.

Сега, после неколку месеци, гледаме колку Христијан Мицкоски, бил во право кога не сакаше да чуе за Катица Јанева во преговорите со СДСМ за иднината на СЈО. И тој бил предмет на обработка со уцени од страна на  Катица Јанева. Лично. Затоа пак, Заев грчевито се бореше за Јанева, јавно трубеше дека „тој цврсто стои зад неа“. Дали сега да веруваме и дека тој цврсто стои зад неа во криминалната мрежа на „Рекет“?

Досега власта во Македонија не презеде никакви дејствија за „Рекет“. Молк од сите институции, од МВР, обвинителство, суд, влада, финансиска полиција, финансиско разузнување, дирекција за спречување на перење пари, до владејачката СДСМ.

Објавите во италиjaнскиот весник „Ла Верита“, фрлија силен сомнеж дека „мозок“ на целата криминална мрежа е лично премиерот на Македонија, Зоран Заев. Според снимките, очигледно е дека силата на Боки 13 доаѓа директно од Зоран Заев и од Катица Јанева. Инволвирани се дузина владини министри, партиски функционери и градоначалници на СДСМ, во невладината „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски алијас Боки 13, што исто така фрла голем сомнеж дека се директно вмешани во случајот „Рекет“, зошто се дел од тој правен субјект. Инаку, сомнеж во кредибилитетот на Зоран Заев, како политичар, кај граѓаните постои одамна. Уште од времето на случајот „Глобал“, кога беше заштитен од тогашниот претседател Бранко Црвенковски, да не биде кривично гонет и остана мнението дека има милионски криминал таму. Но, и од времето кога во јавноста беше објавена видео снимката за случајот „Поткуп“. Токму тој случај го урна и кредибилитетот на судството во Македонија. Бидејќи Заев беше ослободен, иако сите граѓани видоа и слушнаа како тој од функција на градоначалник на Струмица бара вртоглави суми поткуп. Но, сепак, Заев доби ослободителна пресуда.

Исто така, досега нема никаква информација каде завршила луксузната торба полна со евра, која бизнисменот Јордан Камчев им ја дал на Бојан Јовановски и на Зоран Милевски. Каде се парите? Завршиле на едно место или биле распределни на неколку? И не само тие пари, туку и од останатите жртви. Колава е крајната сума која оваа криминална мрежа ја изнудила? Кој се’ бил нивна цел на терор, закани и уцени под закрила на СЈО? Кој се’ од СЈО е вмешан во криминалниот систем? Освен 1ТВ, има ли други медиуми инволвирани, или одредени новинари? Како тоа онаа госпоѓа Мандиќ добила вртоглав хонорар од стотици илјади евра на лична сметка? Што е основата за префрлање на тој вртоглав хонорар? Како ги подигнала парите? Каде ги однела, што сторила со нив? Кој, кога, каде, како, колку… Многу, многу прашања. Јавноста во Македонија чека одговори на многу прашања. А, надлежните молчат, по годишни одмори се, користат масажи на плажа, уживаат во горештиниве ладејќи се со коктели на морските бранови.

Од друга страна, државните институции, владејачката СДСМ и медиумите под нивна контрола, наместо одговори се обидуваат да го релативизираат случајот.

Според нив, „мрачни сили ја поткопуваат правната држава, дека нема да се донесе новиот закон за ЈО, дека нема да станеме членки на ЕУ. Објавените снимки потврдуваат дека премиерот Заев нема никаква вмешаност, сосема спротивно, токму тој го пријави, повикува до крај да се расчисти случајот, се бори за правда преку градење на независни и функционални институции кои вистински се борат со криминалот и корупцијата. Секој, од прв до последен поврзан со овој случај мора да одговара, вклучително и тајкуните на режимот“, се вели во дел од соопштение на СДСМ, испратено по повод случајот „Рекет“.

Во ЕУ ќе влеземе, ама во нивните книги за тоа каква не треба да биде и како не треба да функционира една европска држава. Како пример, какви луѓе не треба да бидат власт во една држава. Како пример на држава организирана и која функционира по теркот на мафијашките семејства и кланови. Е, така ќе влеземе. Како пример „Како НЕ треба!“.

Медиумите под контрола на СДСМ изминативе денови очајно се обидуваат и да го дискредитираат италијанскиот весник и неговите објави. Нив не им е важно дека власта и нивните наредбодавци се разголени и дека се фатени во најголемата криминална мрежа во изминативе 30 години. Скандал каков Македонија навистина досега не памти. Важно било што новинарот имал на својот „Фејсбук“ профил објавено фотографии со луѓе од ВМРО ДПМНЕ. Ама тоа што Боки 13 има објавено стотици фотки со сите функционери на СДСМ, од Заев надолу, не значело дека тие биле вмешани во „Рекет“. Види мајката. Па, во тоа „Меѓународен сојуз“ се испреплетени како црева. Како функционери на СДСМ, така и нивни роднини. Како на пример таткото на еден скопски многу млад градоначалник. Ама нели, тоа не мора да значи дека тие знаеле за криминалните активности на Боки 13. Така „висат“ таму нивните имиња за лепе очи и хуманизам. Сигурно.

Друга интересна работа. Останува отворено и необјаснето пријавување на Заев на случајот „Рекет“. Изјавата на обвинителот Вилма Русковска, дека Заев и’ го пријавил едноставно е недоволна. Постојат ли документи дека тој пријавил? Се испочитувала ли процедурата и законските обврски за пријавување кривично дело? Па, не пријавил некој било кој, од незнам каде! Премирот на државата пријавил. Или тоа докажува дека тој до толку конторлира се’ да доволен е еден телефонски повик до обвинителот и готово завршена работа. Изгледа како за пријавување, така и за нарачување истраги. Па на крајот на краиштата нека проверат малку, дека пред Русковски да изјави дека Заев пријавил кај неа, со денови се пишуваше за случајот. Како тоа тој пријавил, а цела јавност знае, освен Русковска? Или пак, таа слуша само тоа што ќе и’ речат?

Дури и да се докаже дека Зоран Заев не е вмешан во случајот „Рекет“, што е многу, многу, многу  малку веројатно, поточно неверојатно, тој сепак мора да си даде оставка, да ја распушти владата и Собранието и да се распишат избори во Македонија. Јасно е од кои причини. Од истите поради кои Себастијан Курц, канцеларот на Австрија го стори тоа.

Премногу голем е овој случај, премногу големи суми на пари се во игра, и премногу звучни имиња се дел од него. Премногу брендови на едно место. Надлежните институции мора брзо и одлучно да постапат, и во најкус можен рок да го разрешат. Мора да се ослободат од партиските стеги на СДСМ и на Зоран Заев и со тоа да им докажат на граѓаните дека сепак во тие иснтитуции има и професионалци, а не само слепи партиски послушници на владејачката гарнитура.

Апсењето и притворањето на Боки 13 и на Зоран Милевски, едноставно не е доволно. Граѓаните ги бараат „главите“ на сите инволвирани. Од Илинденска ББ, преку Бихаќка број 8 до Рузвелтова број 34.

Автор: Дејан Николовски