Рекламите за Македонија укинати, на светските телевизии остануваат само рекламите за ајварот на Заев

2847

Повеќе од 100 странски компании, кои вработуваат десетици илјади лица, до почетокот на годинава инвестирале во земјава, а поголемиот дел од нив соработуваат со најмалку петстотини домашни компании. Во изминатите десетина години владите на ВМРО-ДПМНЕ успеаја да привлечат директни странски инвестиции во висина од повеќе од 2,6 милијарди евра.

Тоа беше позитивниот ефект од привлекувањето на странските инвестиции и период кога Македонија бележеше најголем пораст на вработени на ниво на странски инвестиции во Европа. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ стапката на невработеност, пак, од високи 38 отсто се намали на 18 отсто. Во тој период странските инвестиции се зголемија за повеќе од 200 отсто, што самото посебе укажува дека ефектите од претставувањето на македонската економија и нејзините перформанси како погодна дестинација биле позитивни, и наспроти тоа владата на СДСМ тврди дека трошоците биле големи и неисплатливи. Па, со тој изговор Владата на Заев ги укина рекламите за Македонија.

Организацијата за избор на најдобри локации за инвестирање „Site Selectors Guild“ на Конференција што се одржа во Тусон, Аризона во САД и’ ја додели годинашната интернационална награда „2017 International Best Practice Award“ на „Инвест Македонија“ за големиот придонес во економскиот развој и презентирани најдобри практики во изминатата декада од работењето. Станува збор за интензивна и посветена маркетинг промоција којашто во текот на повеќе години резултираше со поставување на Македонија на мапата на многу странски инвеститори.

Кога на тоа ќе се придодаде и бумот кој изминативе години го доживеа домашниот туризам, вклучително и главниот град, сосема јасно е дека рекламирањето во тиражните и гледани странски медиуми во кампањите како MACEDONIA TIMELESS нa CNN придонесоа за поширокото промовирање на Република Македонија во светот, но и донесоа економски бенефит и за граѓаните.

Меѓутоа, Владата на Зоран Заев ги прекина сиве овие позитивни трендови. Тоа го навести СДСМ уште во својата предизборна кампања, образложувајќи го со наводно големи суми. Сепак, вешто одбегнувајќи да ја спомене користа за македонската држава и нејзините граѓани од тоа изразено исто така во бројки, што секако би одело во полза на неговиот политички опоненет Никола Груевски.

Владата на СДСМ ја укина промоцијата на Македонија, како одлична бизнис и туристичка дестинација, која се емитуваше по светски гледаните медиуми.

Наспроти тоа, пак, производите од семејниот бизнис на Зоран Заев, од брендот „Mama`s“ беа дел од „Nine“ шоуто на Fox телевизиската мрежа во САД, а исто така беше објавено и платен текст во Huffington Post.

Покрај рекламната кампања во Америка, „Mama`s“ се рекламира и во Русија, во Скандинавските земји, Коста Рика, Дубаи, Макао и Хонгконг, Јапонија, Катар и земјите од Европската унија, како и на Балканот. Дневното емитување на реклами од 30 секунди на американските телевизии, во просек чини околу 112.000 долари.

Ајварот „Mama’s“, кој е производ на „Тргопродукт“,  сопственост на Бобан Заев, инаку братучед на Зоран Заев, исто така, влезе уште од 2014 година на пазарот во Австралија, со продажба од над милион тегли годишно, каде што исто така се продаваат и другите македонски ајвари „Баш Ајвар“, „Домашен Ајвар“. Но затоа, што е секако за поздравување, и таму успеа да се пробие благодарејќи на рекламите, кои секако како и на секој западен пазар не се евтини.

Заеви очигледно многу добро знаат што значи рекламирањето за освојувањето на пазарот. И оттаму, се поставува прашањето што е причината Заев премиерот, и самиот како бизнисмен, да го прекине позитивниот проект за претставување на земјава во странство, што и преку бизнисот на неговиот роднина, покажува единствено позитивни резултати?!

Владата на Заев ги укина рекламите на телевизијата CNN, кои позитивно ја презентираа Република Македонија и ги запознаваа меѓународните инвеститори со бизнис можностите кои ги нуди нашата држава. Рекламите на CNN, исто така, носеа бенефит и во туризмот на Македонија.

Како може рекламните кампањи да се корисни за приватниот бизнис, а не и за државата?

Многу јасно е дека странските инвестиции, кои во Македонија влегоа откако земјата во 2006 година беше на последното место во регионот според овој показател, а потоа се слеаја благодарејќи на успешното преставување преку спомнатите проекти во странските медиуми, не смеат да се гледаат само како краткорочен прилив на средства, туку многу поважни се долгорочните ефекти од нив дека врз растот на македонската економија. Од тој апсект и досегашните странските инвестиции кои дојдоа благодарејќи на кампањата за нивното привлекување, како „Дрекселмаер“, „Ван Хул“ и другите се покажаа како полезни за Македонија, бидејќи покрај тоа што со себе носат отворање работни места, носат и нов пристап кон работата, технички квалификации и нови знаења кои беа загубени во времето на транзицијата. Без дилеми, таквите компании имаат позитивно влијание и врз домашни добавувачи од кои бараат исполнување на соодветни стандарди, квалитет и им овозможуваат да се вклучат во меѓународниот синџир на добавувачи и тоа се смета за единствениот можен начин да се остварува раст и поврзување на македонската економија во современети глобални економски текови.

Неодамна, Народната банка констатираше дека странските директни инвестиции во првото полугодие од годинава близу за 100 милиони евра се помали отколку во истиот период лани. Летово доживеавме и период на дезинвестирање, поточно кога повеќе има одлив отколку прилив на странски инвестиции. Минатиот месец, исто така, Државниот завод за статистика објави дека е регистран пад на индустриското произвоство и пад на просечните плати во Македонија. Од повеќето објавени параметри се гледа дека земјата влегува во период на стагнација на економијата и лоши резултати по речиси сите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.