Рекорден број коронаинфекции во Србија од почетокот на епидемијата

Во Србија во средата се регистрирани 512 случаи на зараза со новиот коронавирус, што претставува досегашен рекорден дневен број на новозаразените од почетокот од епидемијата, соопштија во средата српските здравствени власти откако биле тестирани 7.425 примероци.

Епидемијата на коронавирусот во Србија беше прогласена на 6-ти октомври, а во првиот бран најголемиот дневен број на новозразените беше 445 на 16-ти април, додека рекордот на дневно ниво во вториот бран со 467 новозаразени беше забележан на 26-ти јули.

Според последниот официјален извештај на Кризниот штаб, од последиците на инфекцијата со коронавирусот во последните 24 часа починало едно лице, а на лекување во српските болници има згрижено 490 пациенти, од кои 27 се на респиратори.

Од прогласувањето на епидемијата пред девет месеци потврден е вкупно 781 смртен случај како последица на компликации предизвикани од Covid-19, а стапката на смртноста е 2,10 отсто.

Досега во Србија се тестирани 1.256.531 примерок, а коронаинфекцијата е потврдена во 37.120 случаи.

Членот на Кризниот штаб за борба против коронавирусот при српската влада, др Бранислав Тиодоровиќ, предупреди претходно во средата дека за влез на територијата на Србија би можело да биде воведен задолжителен PCR или серолошки тест.

Во Србија во моментов на сила е препораката на Кризниот штаб за носење маски на отворен простор, но мерката не можеше да биде воведена како задолжителна поради законските ограничувања и правната неспроведливост.