Рекорден број починати во Русија, епидемијата се засилува во Мексико

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) предупреди во вторникoт на „лошата состојба“ во Мексико поради растот на заразените и починатите во епидемијата од коронавирусот, а Русија пријави најголем број смртни исhоди од почетокот на пандемијата.

Според податоците на американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“ до вторникот во 10 часот по македонско време вкупно од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот кон крајот на декември 2019 година биле заразени 63.290.093 луѓе, а од последиците починале 1.469.052 луѓе.

 

Во Унгарија во последното деноноќие починале 154 лица, повеќето стари со хронични болести а потврдени се 3.951 нови случаи на зараза со коронавирусот, објави унгарската новинска агенција MTI.

Од почетокот на епидемијата во Унгарија се заразиле 221.073 лица, а починале речиси 5.000. Во болниците во моментов се згрижени 7.884 пациенти, од кои 662 се на респиратори. Вкупни во земјата со 9,7 милиони жители тестирани се досега 1.653.780 луѓе. Најмногу потврдени случаи има во престолнината Будумпешта, односно 47.340 коронаинфекции од почетокот на епидемијата.

 

Руските новински агенции известија во вторникот за рекордни 596 починати од компликациите кои ги предизвикува Covid-19. Со тоа вкупниот број смртни исходи од почетокот на епидемијата во земјата се зголеми на 40.464 случаи.
Во изминатите 24 часа во земјата се потврдени и 26.402 нови случаи на короанвирусот, вклучително и 6.524 во главниот град Москва, кој како најгусто и најмногу населен константно има и највисоки показатели во текот на епидемијата. Вкупниот број заразени во Русија во изминататите повеќе од десет месеци изнесува 2.322.056 лица, и е четврта според овој показател во светот.

 

Мексико со речиси 106.000 смртни исходи поврзани со Covid-19 е четвртата земја во светот според бројот на починатите. До 12-то октомври, во земјата седмично умирале по околу 2.000 луѓе заразени со короанвирусот, но сега овој показател се удвоил, пренесува Reuters.

Потврдени случаи, пак, минаа 1,1 милиони коронаинфекции, иако тамошните здравствени стручњаци предупредуваат дека оваа бројка веројатно е значително поголема. Мексико во моментов е 11-та земја во светот според бројот на коронаинфекциите.

Пополнети се капацитетот на најмалку седум од 54-те болници во главниот град мегалополисот Сиудад де Мехико во кои се лекуваат ковид-пациентите, наведува извештајот на Бирото на ОН за координација на хуманитарните работи (OCHA). Заменикот на мексиканскиот министер за здравство, Уго Лопез-Гател, очекува дека епидемијата во земјата ќе продолжи да се влошува до јануари.

„Растот на заразените и починатите во Мексико е многу загрижувачки. Мексико е во лоша ситуација“, изјави директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.