Рекорден број самоубиства на ученици во Јапонија лани 512

Бројот на самоубиства на ученици во Јапонија лани во однос на претходната 2021 година се зголеми за 39, на рекордни 512, покажуваат прелиминарните податоци на јапонското Министерство за образование, темелени на владините статистики.

Самоубиствата меѓу лицата помлади од 19 години, вклучувајќи ги и оние кои се запишани во основните училишта, најмногу се припишува на вознемиреност поради неуспехот во академските студии, лошите изгледи за кариера и стресот поради приемните испити за училиште и факултет, покажуваат податоците на Министерството за здравство, пишува агенцијата Кјодо.

Од вкупниот број самоубиства 17 се основци, 143 во пониските и 352 во средните училишта.

По месеци најмногу самоубиства имало лани во јуни – 60, потоа 57 во септември и 47 во март.

Во основно училиште во Јапонија се оди на возраст меѓу шест и 12 години.

Бројот на ученички самоубиства во Јапонија минатата година беше најголем откако во 1980 година станаа достапни споредливите податоци, соопшти јапонското Министерство за образование, култура, спорт, наука и технологија.

Министерството собираше податоци врз основа на статистиката на Националната полициска агенција и Министерството за здравство, труд и социјална заштита.

Министерството за образование пред два дена ги повика образовните одбори ширум земјата да обезбедат најдобро можно водство во кариерата и внимателно да ги идентификуваат учениците кои покажуваат знаци на стрес.

Министерството, исто така, побара од државните средни училишта да одговорат на анкетата за да дознаат што прават за да ги спречат самоубиствата и како реагираат кога до тоа ќе дојде.