Рекорден број заболени од коронавирусот во Хрватска во еден ден

Во изминатите 24 часа во Хрватска се потврдени досега рекордни 116 нови случаи на зараза со коронавирусот и две починати лица, извести во петокот Националниот штаб за цивилна заштита, кој поради моменталната епидемиолошка ситуација воведе неопходни мерки за собири со повеќе од 100 учесници.

Во изминатото деноноќие забележани се нови 116 случаи на зараза со коронавирусот, така што во моментов бројот на заболените, односно активните случаи, во Хрватска денеска изнесува 1.038 пациенти. Од нив 104 пациенти се на болничко лекување, од кои, пак, четворица се на респиратори.

Од 25-ти февруари, кога беше зебележан првиот случај на коронавирусот во Хрватска, вкупно се регистрирани 3.532 случаи на заразата, од кои починале 117 лица, а 2.377 закрепнале.

Во самоизолација во моментов ширум земјата се 4.608 лица. До денеска вкупно се тестирани 91.486 лица, од тоа 1.722 во последните 24 часа.

Поради моменталната епидемиолошката сутуација, Националниот штаб денеска донесе одлука за неопходни мерки за собири на кои се присутни над 100 учесници во текот на траењето на прогласената епидемија на Covid-19. Според нив, организаторите на настаните на кои очекуваат повеќе од сто учесници, локалните власти мора да ги известат најдоцна 48 часа пред планираниот почетоко.

Покрај тоа, за настаните со повеќе од 100 учесници задолжителна е писмена евиденција на учесниците, за доколку кај некој се утврди зраза со вирусот што поефикасно да може да се спречи ширењето на болеста.