Рекорден број заболени со ковид-19 во Германија и Хрватска

Германија соопшти за рекорден број нови случаи на заразени со новиот коронавурус – 6.638 за изминатите 24 часа.

Така, вкупниот број на заразени лица во земјата од почетокот на пандемијата достигна 341.223 лица, според податоците на институтот Роберт Кох. Претходниот дневен рекорд на Германија беше 6.294 новоинфицирани на 28 март.

Канцеларката Ангела Меркел ги повика германските покраини да преземат заеднички пристап за спречување на епидемијата на коронавирус. Бројот на смртни е зголемен за 33 на 9.710 лица.

Меркел предупреди дека може бројот на новиинфицирани да достигне 19.200 на ден доколку сегашниот тренд продолжи.

Таа нагласи дека од економска гледна точка, Германија не може да си дозволи ново затворање, како во првиот бран на епидемијата. Ситуацијата треба итно да се реши, изјави Меркел по состанокот со премиерите на сојузните држави, на кој беа договорени дополнителни мерки против ширењето на коронавирусот.

– Донесовме буџет кој предвидува нов долг од над 250 милијарди евра само за оваа година. Од оваа причина, не можеме да си дозволиме, вклучително и економски, втор бран како оној од пролетта со истите последици – рече Меркел, додавајќи дека не станува збор само за здравствениот систем.

Канцеларката истакна дека земјата е во критична фаза во борбата против ковид-19 и однесувањето на луѓето во следните недели ќе биде клучно.

Полска мора да очекува значително зголемување на инфекциите со новиот коронавирус, изјави денеска Михал Дворчик, шеф на Кабинетот на премиерот.

– Се уште сме во периодот кога треба да очекуваме дека бројот на инфекции ќе порасне некое време и дека ова зголемување ќе биде значително, изјави Дворчик за приватниот радиодифузер ТВН 24.

Тој додаде дека денескс ќе има повеќе случаи отколку вчера, кога земјата достигна дневен рекорд од 6.526 заразени лица со ковид-19.

Хрватскиот министер за здравство Вили Берош ја опиша состојбата со коронавирусот во Хрватска како загрижувачка, откако вчера беа пријавени рекордни 748 новоинфицирани лица и предупреди дека ќе има уште повеќе.

– Ситуацијата е загрижувачка, но не е изненадувачка. Околностите во изминатиот месец, како и околностите во Европа и светот, укажуваат на тоа дека бројот на новозаразени лица расте насекаде, како и во Хрватска, изјави синоќа Берош за РТЛ.

Тој додаде дека поголемите собири на луѓе во последниот месец создале некои жаришта што предизвикаа такво зголемување на бројот на новозаразени.

– Покрај тоа, тука е и студеното време и фактот дека сме повеќе во затворени простории и тоа влијаеше на зголемувањето на бројот на заразени лица. Ќе има уште повеќе заразени лица, затоа треба да се однесуваме одговорно и да ги почитуваме мерките, рече министерот.

Тој не ја исклучи можноста дневно да има и по повеќе од илјада новозаразени лица во Хрватска.

– Можно е бројот на нови инфекции да се зголеми во наредните денови. Сепак, особено е важно да сфатиме дека треба да се однесуваме одговорно, самодисциплинирано и сериозно и да ги почитуваме мерките што ги препорачавме. Ако не сме одговорни, ако се дружиме, бројките ќе растат и понатаму, рече Берош.