Рекорден број македонски студенти на руските факултети за физичка култура

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески оствари средба со претставници од Амбасадата на Руската Федерација, на која беше истакнато дека оваа година биле доделени рекордни 60 места во квотата за студирање на македонски граѓани во Русија. Целта на состанокот беше разгледување на можноста за студирање на македонските студенти на некој од факултетите за физичка култура во Русија.

Директорот Спасески на средбата искажа голема благодарност за отворената можност за младите граѓани од Македонија да можат да се едуцираат на факултетите за физичка култура и спорт во Руската Федерација и додаде дека Агенцијата за млади и спорт ќе даде целосна поддршка за што повеќе матуранти да аплициират и да се запишат на некои од факултетите.

-Ние како државна институција која се грижи за развој на спортот, упативме молба за продолжување на рокот за доделување стипендии за студирање на факултетите за физичка култура во Руската федерација. Се надеваме дека доколку се случи тоа, матурантите од Македонија ќе ја искористат можноста за студирање на некој од реномираните факултети за физичка култура и спорт во Руската Федерација, вели Спасески.

Оваа година Владата на Руската Федерација доделила рекордни 60 места во квотата за студирање на македонски граѓани во Русија, за разлика од претходната, кога само 14 македонски студенти  добиле стипендии за студирање во Руската Федерација.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.