Рекорди во Премиер лигата: Тотенхем го декласираше Јунајтед на „Олд Трафорд“, Астон Вила пак Ливерпул

„Лудата недела“ во англискиот фудбал заврши со неверојатните 7:2 во победата на Астон Вила против актуелниот шампион Ливерпул, откако претходно во дербито од четвртото коло на англиското фудбалско првенство лондонски Тотенхем на „Олд Трафорд“ со 6:1 го декласираше Манчестер Јунајтед, а Вест Хем на гостувањето го изненади Лестер и го совлада со 3:0.

Првпат во историјата Манчестер Јунајтед и Ливерпул, најтрофејните клубови во Англија, во ист ден примија по најмалку шест голови, а Ливерпул последен пат примил седум погодоци пред 57 години кога со идентичен резултат како и денеска загубил од Тотенхем.

За среќа по Ливепрул, не го впиша и најтешкиот пораз во историјата на клубот, а тоа и натаму е дебаклот од 1:9 против Бирмингем Сити од декември 1954 година.

Покрај тоа, ова е втора победа на Астон Вила во последните три соочувања со Ливерпул, по триумфот од 5:0 во Лига купот во декември 2019 година. Но тогаш Ливерпул играше со младинската екипа во која ниеден играч не беше постар од 22 години бидејќи сениорската екипа беше на светското клупско првенство.

Меѓутоа, во неделата вечерта актуелниот англиски првак настапи во најсилниот состав. Домашните поведоа веќе во 4 минута со голот на Оли Воткинс, а истиот играч во 22 минута погоди за 2:0. Десет минута подоцна намали Мохамед Салах, но Вила до крајот на полувремето постигна уште два погодока. Џон Мекгин во 35 а Воткинс своето „животно полувреме“ го заклучи со третиот погодок во 39 минута.

Фантастичната игра на Астон Вила во 55 минута резултираше со нов погодок на Рос Баркли. Салах во 60 минута намали на 2:5, а потоа Џек Грилиш со головите во 66 и 75 зголеми на неверојатните 7:2. Воткинс во 85 минута можеше да го постигне и четвртиот погодок на мечот, но ја погоди пречката.

Ливерпул го впиша првиот пораз сезонава и остана на девет бодови со кои е на петтото место, додека Астон Вила има исто толку бодови но од три натпревари и со одлична гол разлика 11:2 е на второто место зад Евертон кој има максимални четири победи.

Тимот на Жозе Мурињо на неговиот поранешен клуб му го нанесе еден од најтешките домашни порази во историјата. „Црвените ѓаволи“ само трипати биле потешко совладани, со 0:6 од Астон Вила во март 1914 година, со 0:6 од Хадерсфилд Таун во септември 1930 и со 1:7 од Њукасл Јунајтед во септември 1927 година.

Тотенхем веќе по првото полувреме водеше со 4:1 станувајќи првиот клуб по 1957 година кој на „Олд Трафорд“ во првите 45 минути постигнал четири голови. Но и тогаш тоа бил успех на тимот од северен Лондон кој тогаш славел со 4:3.

„Лидото“ прв полувреме во Манчестер започна со водство на „Црвените ѓаволи“ кои веќе во 2 минута поведоа со голот на Бруно Фернандеш од пенал. Но само пет минути подоцна беше 2:1 за гостите. Во 4 минтуа Тангуи Ндомбеле израмни на 1:1 а Сон Хеунг-Ми во 7-та погоди за 2:1. Новите проблеми за Јунајтед чија одбрана денеска речиси од почетокот беше хаотична, дојдоа во 29 минута, кога Ентони Марсиал беше исклучен откако наседна на провокацијата на Ерик Ламела. Во мешаница во шеснаесетникот на домашните Ламела прв го подигна лактот кон брадата на Марсиал кој непромислено му „влепи една воспитна“, но можеби и престрого веднаш беше исклучен.

Слабата одбрана на Јунајтед беше лесен плен за разигарните „Спарси“ кои до крајот на првото полувреме постигнаа уште два погодока, а стрелци беа Хари Кејн во 31 и уште еднаш Сон во 37 минута. Полувремето не донесе промена во играта на Манчестер Јунајтед особено во одбраната, па Серж Орие во 51 минута и Кејн во 79 од пенал ги поставија конечните 6:1 за Тотенхем.

Тотенхем ја забележа втората победа сезонава и е моментално е петти со седум бодови. Манчестер Јунајтед пак од три одиграни натпревари има два пораза и една победа и е 16-ти со три бода.

Вест Хем го изненади Лестер на неговиот терен со „чисти“ 3:0, иако домашните „Лисици“ пред овој меч имаа максимален ефект, а во минатото коло на гости го декалсираа Манчестер Сити со 5:2. Стрелци за Вест Хем беа Михаил Антони во 14, Пабло Форналасо во 34 и Џарод Боувен во 83 минута.

Вест Хем кој минатата сезона одвај избори опстанок во Премиер лигата, во новата влезе со две победи, откако во минатото коло го победија и Вулвехемптон со 4:0. Сега е десетти со шест бодови, додека Лестер има девет бодови.

Арсенал на свој терен во второто полувреме со два брзи гола о скрши отпорот на Шефилд Јунајтед. Стрелци беа Букајо Сака во 61 и Николас Пепе во 64 минута, а за гостите намали Дејвид Мекголдрик во 83 минута.

Арсенал е петти со девет бодови од четири натпревари, додека Шефилд го впиша и четвртиот пораз во четирите кола и е претпоследен 19-ти без бодови.

Вест Бромвич Албион на гостувањето кај Саутемптон беше поразен со 0:2, со головите на Миса Џенеп во 41 и Ориол Ромеу во 69 минута.

Вулверхемтон со голот на Нето во 56 минута дојде до втората овосезонска победа, и тоа над Фулам. Вулверхемптон со шест бодови е 13-ти, а Филам со четирите порази е на дното од табелата.