Рекордна продажба во НБА: Бруклин продаден за 2,35 милијарди долари

Франшизата на Бруклин нетс до крајот на неделата ќе има нов сопственик. Кошаркарскиот клуб од НБА лигата ќе заврши кај тајванско-канадскиот бизнисмен, Џозеф Цаи (55) во зделката вредна рекордни 2,35 милијарди долари.

Цаи во 2018 година купи 49 отсто од акции на „мрежичките“ за што плати една милијарда долари за сега да додаде уште 1,35 милијарди долари за останатите 51 отсто, чиј газда е Русинот, Михаил Прохоров, за комплетниот управувачки пакет во клубот.

На тој начин ќе биде поставен нов рекорд при купување на спортски франшизи што досега го држеа Дејвид Тепер и Тилман Фертит кои платија по 2,2 милијарди долари за НФЛ тимот на Каролина пантерс, односно, за НБА екипата на Хјустон рокетс.

Новиот газда во најава на Бруклин е еден од ко-основачите и потпретседател на групацијата „Алибаба“ и неговото богатство се проценува на 9,9 милијарди долари. „Нетси“ ова лето ги ангажираа Кајри Ирвинг и Кевин Дурент и се вбројуваат меѓу кандидатите за шампионскиот прстен во претстојната сезона во НБА лигата.