Во унгарски камион запленети 24 тони шампони вредни 200.000 евра

Царинските службеници запленија рекордна количина на шампони, чија пазарна вредност би достигнала и 200 илјади евра, информираат од Царинската управа.

На граничниот премин Богородица, за транзит низ земјава, вчера околу 13,30 часот, бил пријавен камион со унгарски регистерски таблици, управуван од унгарски државјанин. Таму биле пријавени 81.984 парчиња шампон за коса од познатата трговска марка, спакувани во 1.700 кутии, со вкупна тежина од околу 24 тони. Стоката е со потекло од Кипар, наменета за фирма увозник од Виена.

При прегледот на документите и возилото, царинските службеници забележале дека покрај несоодветниот транспорт, несоодветната рута на движење, ниската фактурна вредност, несоодветен е и начинот и методот на кој се спакувани шампоните.

Поради основано сомневање  во оригиналноста на стоката,  истата е привремено задржана. Постапувајки по Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектулана сопственoст, Царинската управа го извести застапникот во Македонија на носителот на право од интелектуална сопственост на запленетата стока. По увидот во фактичката состојба, застапникот го потврди сомневањето дека се работи за фалсификувана стока, при што согласно законските одредби е започната постапка за докажување.

Според неофицијални сознанија, стоката во пристаништето во Атина е претоварена во камион со цел да биде транспортирана до Виена, од каде требало да биде дистрибуирана на западноевропскиот пазар. Доколку стоката би се продавала како оригинал нејзината вредност би изнесувала повеќе од 200 илјади евра.