Рекордни 14 тројки на Томпсон, прв пораз за „Репторс“

Кошаркарот на „Голден Стејт“, Клеј Томпсон постигна 51 поен во победата на неговиот тим против „Чикаго Булс“ со 149: 124. Томпсон во овој натпревар го надмина рекордот на својот капитен Стеф Кари кога станува збор за постигнати тројки на еден натпревар. Тој имаше шут 14 од 14 за три поени за само 27 минути поминати на паркетот во Чикаго. Актуелниот шампион на полувреме имаше постигнато 92 поени. Кај „Чикаго“ најдобар беше Антонио Блекенеј со 21 поен.

„Милвоки Бакс“ му го нанесе првиот пораз на „Торонто Репторс“ по шесте победи во низа со 124:109. Домаќините со одлична тимска игра го совладаа најдобриот тим на Истокот, па дури седумина кошаркари на „Бакс“ постигнаа двоцифрен број на поени. Сепак, најдобар беше Ерсан Илјасова со 19 коша, десет скока и две асистенции.Кај „Репторс“ најрасположен за игра беше Серж Ибака со 30 поени и девет скока.

„Сан Антонио Спарс“ во фантастичен натпревар го победија „Далас Маверикс“ после продолженија со 113:108.
Домаќинот уште на полувреме имаше предност од 53:45, но „Маверикс“ се вратија па дури стигнаа до предност, па победникот се решаваше во последните моменти. Натпреварот во регуларниот термин заврши со 102:102, но „Спарси“ беа поконцентрирани во продолжението и славеа. Најдобриот играч на домаќините, Демар Дерозан пак беше најефикасен со 34 поени, со девет асистенции и шест скока. За „Далас“ Лука Дончиќ одигра уште еден одличен меч со личен рекорд од 31 поен, на кои додаде осум скокови и четири асистенции.

„ЛА Лејкерс“ повторно загуби, овој пат на гости против „Минесота“ со 124:120 и покрај одличната партија на Леброн Џејмс со 29 поени, десет скока и осум асистенции. Во победничката екипа Џими Батлер беше најефикасен со 32 поени.

Во останатите натпревари „Индијана“ загуби од „Портланд“ 93:103, „Филаделфија“ беше подобра од „Атланта“ со 113:92, „Мајами“ на домашен терен беше послаб од „Сакраменто“ 113:123, „Њујорк Никс“ беше подобар во дербито со „Бруклин“ 115:96 и „Денвер“ -„Њу Орлеанс“ 116:111.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.