Рекордни девет починати од Covid-19 во Црна Гора, на Подгорица ѝ се заканува „затворање“

Црногорските здравствени власти соопштија во понеделникот дека во последните 24 часа регистрирале девет нови смртни исходи како последица на зараза со коронавирусот, што е најголем број починати во еден ден од почетокот на епидемијата.

Со тоа, Црна Гора во четирите месеци од новиот бран на епидемијата, кој во оваа земја започна кон средината на јуни, дојде до 202 починати до последици на коронавирусот, и со повеќе од 13.800 заразени.

Во првиот бран, кој траеше од средината на март до почетокот на мај имаше само 324 инфицирани и девет починати.

Бројот на новозаразените, особено во Подгорица, па епидемиолозите предупредуваат со можно затворање на црногорската престолнина во којашто живее третина од населението на земјата.

„Доколку високиот тренд на заболувања во Подгорица продолжи, наскоро може да се очекува затворање на угостителските објекти и забрана за движење по 22 часот“, изјави на прес-конференција епидемиологот Сенад Бегиќ.

Доколку до петок се заразат уште 115 лица, Подгорица би можела да влезе во „црвената зона“ според бројот на заразените што автоматски повлекува рестриктивни мерки.

„Се плашам дека Подгорица е тука некаде. Треба да се забележат 1.488 заразени во 14 денови во Подгорица за да се заострат мерките. Сега ги има 1.373“, рече Бегиќ.

Црна Гора во моментов има 3.919 активни случаи што е 622 на 100.000 жители. Во црногорските болници, како што е соопштено во понеделникот, моментално се лекуваат 303 пациенти, од кои 10 отсто имаат тешка клиничка слика и животот им е загрозен.

Црна Гора, којашто на почетокот од мај се прогласи за единствената „корона-фри“ држава во Европа, бележи остар раст на бројот на заразите по парламентарните избори кога и покрај предупредувањата и власта и опозицијата организираа масовни собири. Се проценува дека во тие неколку дена на тие политички митинзи имало повеќе од 100.000 луѓе или петтина од целото население на земјата.