Рекордни температури во Канбера, закана од пожари

Температурите во австралиска Канбера во саботата повторно достигнаа рекордни вредности за февруари, додека шумските пожари му се закануваат на главниот град во кој е прогласена состојба на приправност, соопшти во неделата по локално време метеоролошката агенција.

Властите во Канбера во петокот првпат по 2003 година прогласија во австралиската сојузна престолнина состојба на приправност поради шумските пожари.

Во саботата живата во термометрите се искачи на 42,7 Целзиусови степени, што е рекорд за февраури и го надминува рекордот од 42,2 степени забележан во 1968 година, објави на Twitter метеорологот Матео Франс Етјен Капикјан. Тоа воедно е и највисоката температура забележана во Канбера, без оглед на месецот, додава.

Во Австралија летото 2019/2020 беше најтоплото откако се води бележењето на температурата, со рекорди измерени во јануари и декември. Австралискиот метеоролошки завод засега сѐ уште не ги потврди овие податоци.

Најголемата опасност од пожарите е во долината Орорал, каде што се уништени 18.000 хектари разна вегетација. Властите сметаат дека овој топлотен бран проследен со сув ветер создава погодни услови за шумски пожари во делови на сојузните држави Нов Јужен Велс и Викторија. Повеќе од 80 пожари и натаму беснеат во овие држави.

Во саботата во Ричмонд, во Нов Јужен Велс, измерени се 46,8 Целзиусови степени.

Во пожарите кои од ланскиот септември ја пустошат Австралија, загинаа 33 лица, изгореа 100.000 квадратни километри и повеќе од 2.000 куќи. Стручњаците оценуваат дека угинале повеќе од милијарда примероци од разни животински видови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.