Рекордно поскапување во Хрватска

Потрошувачките цени во Хрватска во јуни пораснале за 12,1 отсто во однос на истиот месец лани, што е највисока стапка на инфлација откако Државниот завод за статистика (ДЗС) ги чува овие податоци, а најмногу е последица на поскапувањето на горивата и храната.

Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка, мерени преку индексот на потрошувачките цени, пораснале за 1,1 отсто во јуни во однос на мај, додека скокнале за 12,1 отсто во однос на јуни минатата година, се вели во извештајот на ДЗС.

Гледано според главните групи од класификацијата ECOICOP, на годишно ниво најголем пораст на потрошувачките цени во просек е забележан во транспортната група за 20,3 отсто и храната и безалкохолните пијалаци за 16,9 отсто.