Рекреативна пeшачка патека во Крива Паланка, 6 милиони евра од ЕУ за нови проекти

По повод 75 години од ослободувањето на градот, граѓаните на Крива Паланка добија пешачка рекреативна патека на локацијата Висока зона „Стара Вада“. Изградбата на патеката изнесува 100 илјади евра, а дел од парите се добиени преку проектот за прекугранична соработка со Косово, додека пак 15 отсто од сумата ги обезбеди Министерството за локална самоуправа.

„Паланчани заслужуваат подобри можности за нивните секојдневни активности. Со нашите проекти како Министерство се обидуваме и ги решаваме приоритетите но и потребите на граѓаните“ рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Со сума од околу 60 милиони денари во Североисточниот плански регион оваа година Министерството за локална самоуправа финансира 13 проекти од Програмата за рамномерен регионален развој.

„На ваков убав ден, празник за сите нас, нашите сограѓани имаат можност на новата патека да се рекреираат и да уживаат во убавите моменти. Општината е тука да учествува и гради преку проектите кои ќе им овозможат поквалитетен живот на граѓаните. Голема благодарност на Министерството за локална самоуправа које даде особен придонес со проектите“ изјави градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Министерството за локална самоуправа поддржува проекти коишто произлегуваат од потребите на граѓаните и ги подобруват условите за живеење како во градот, така и во руралните места.

 

„Денеска гледаме дека е во тек  регулирањето на коритото на Крива Река во должина од 300 метри за кои обезбедивме 7.234.000 денари. Со средствата наменети за подрачјата со специфичниразвојни потреби се подготвува техничка документација за изградба на локален пат на релацијата од Крива Паланка до туристичкиот локалитет Калин Камен, во вредност од 1.000.000 денари. Со средства за развој на селата се гради канализација за отпадни води за дел од село Конопница во општина Крива Паланка за кое обезбедивме 1.850.000 денари додека вкупно изнесува 4.000.000 денари“ додаде Милевски.

За наредна година од Европската Унија веќе се обезбедени 6 милиони евра кои ќе бидат наменети за приоритетни и иновативни проекти за општините.

 

„Ги охрабруваме општините на следниот јавен повик кој ќе го објавиме околу средината на наредната година да аплицираат и со тоа да покажат интерес, да ги идентификуваат проектните идеи. Министерството, заедно со Центрите за развој ќе го олеснат процесот, со цел општините да можат максимално да ги искористат средствата што им стојат на располагање. Вредноста на еден проект ќе биде до 500 илјади евра, што значи дека помалите општини можат да настапат и со заеднички проекти, како и со проекти во соработка со граѓанскиот и со бизнис секторот“ апелираше Милевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.