Ректорската управа на УКИМ на вонредна седница расправаше за Колективниот договор

Ректорската управа ја информира јавноста дека на вонредната седница, одржана на 8.2.2024 година, на која се расправаше за Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје, ги донесе следниве

З А К Л У Ч О Ц И

1. Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е на сила, во правниот промет се применува од 1 јануари 2024 година, не е откажан, ниту укинат или поништен, и е задолжителен за работодавачот и работниците во чие име е склучен.

2. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со особена грижа за положбата на своите вработени и за остварувањето на нивните права од работен однос, констатира дека се целосно неосновани и незаконски наводите на Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, во врска со полноважноста на поединечниот Колективен договор на УКИМ, со незаконско тврдење дека не е регистриран во Регистарот на колективни договори, кој го води Министерството за труд и социјална политика. Имено, според член 231, став 1 од Законот за работните односи, регистрирање е задолжително за општи и гранкови колективни договори, а не и за поединечни колективни договори, каков што е Колективниот договор на УКИМ, за кои според став 3 од истиот член е потребно само известување до Министерството за труд и социјална политика.

3. Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје констатира дека државата не ги почитува актите кои таа сама ги носи, што е во спротивност со принципите на владеење на правото и правната сигурност.

4. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Синдикатот на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје бараат итна средба во рок од три дена со премиерот Талат Џафери, кој, инаку, е и потписник на Колективниот договор на УКИМ.

5. Вработените на Универзитетот и Синдикатот ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права, загарантирани со Уставот и законите.

За непочитувањето на Колективниот договор на УКИМ, со допис од 5.2.2024 година, известени се следниве институции: Собранието на Република Македонија, Владата на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика.

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,

Ректорска управа

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.