Реквием за интелектуализмот: или, кога незнењето стана доблест

824

Македонија оддамна ја погреба експертизата, преку отфрлање на постојното знаење. Кога ќе ја отфрлите науката и непристрасната рационалност на знаењето ќе го добиете она што денес е „Северна Република Македонија“: „европска вредност и позитивен пример што другите сакаат да го следат“.

Искрено не видов дека некој „умре“ од желба да го следи нашиот пример, но штом Премиерот вели дека е така, зар ние обичните смртници можеме и смееме да го спориме тоа. Ова е време кога мудроста на политичарите ги пополнува неизбежните празнини во човечкото знаење. Несомнено дека оваа власт, а посебно Премиерот, ги разгоре романтичните сфаќања за мудроста на обичниот човек, или за безизлезноста на себе едуциран генијалец. Личниот пример на Премиерот го живееме изминативе години.

И што може да очекувате во ваков амбиент? Дека власта ќе биде благо наклонета кон експертската мисла? Кон интелектуалците. Зашто би? Со години не’ убедуваат дека Македонците треба да веруваат дека еднаквоста во правата во политичкиот систем значи дека мислењето на секој човек за нешто, мора да се прифати како еднакво на другите. Ова е кредо на власта, чие тврдење за вистинска еднаквост во општеството е нелогична, понекогаш смешна и често опасна.

Оддамна умре времето на „Идадија“ и кафанската експертиза. Кога секој можеше да биде експерт за се’. После некоја ракија. Социјалните медиуми и Интернет кафанската експертиза, ја издигнаа на повисоко ниво. Интернетот успеа да создаде илузија дека сите сме подеднакво компетентни за се’. Исто така, помогна во поттикнувањето на нарцисоидниот и погрешен интелектуален егалитаризам во државата, што ги осакати „стручните расправи“ и анализи кај нас за кое било прашање. Кога ги слушате експерите денес, тие знааат се’: со  брзо патување преку Вебот или Википедија, просечните граѓани (што се нарекуваат експерти) веруваат дека се на еднакво интелектуално ниво со вистинските рецептори на знаењето, истражувачите, лекарите, па и дипломатите. Дефинитивно оваа власт низ концептот на еднакво општество за сите произведе свест дека сите гласови, дури и најсмешните, бараат да бидат земени со еднаква сериозност, а секое тврдење за спротивното се отфрла како недемократски елитизам.

Македонија конечно успеа да достигне точка кога незнаењето, особено за сé што е поврзано со јавната политика, е вистинска доблест. Само ако се погледне „вкусот“ на Премиерот за советници со мало или никакво владино искуство, со никаква претходна експертиза и знаење во областа за која треба да советуваат, јасно се потврдува каков е неговиот однос кон интелектуалниот и образован дел од македонската јавност и неговото (не)почитуваење и презир кон се што е експертска и стручна мисла во оваа држава. Неговите советници се платени да го одржуваат и потхрануваат неговото кревко и ранливо его да не биде предмет на потсмев поради своето незнаење и необразованост. Затоа секоја продлабочена анализа од вистински експерт, произведува експлозија на гнев и напад за неговата лоша намера да го поткопа авторитетот на власта, неговата политичка мотивираност, знак на  неприфатлив интелектуален елитизам и обид да се искористат интелектиуалните акредитивни писма за да се задуши дијалогот потребен во вистинска демократија. На овој начин свесно се убивa почитта кон стручноста, експертската мисла, и се опструира рационалната дебата во општеството. Но, затоа егото на политичарот е безбедно.

Очигледно дека треба да бидеме загрижени од се поголемото непријателство манифестирано низ социјалните мрежи за етаблираното знаење и луѓето што го промовираат во јавниот диксурс во државава. Резистентноста која се одржува во македонското општество на интелектуалните авторитети и огорченото  инсистирање на еднаквост во компетентноста, може многу лесно да се трансформира во угнетувачко незнаење. Бранот на анти интелектуализам на кој сурфа оваа власт веќе се манифестира во растечкото воздигнување на моќта на политиката над знаењето, емоцијата над разумот и знаењето во јавните дебати, замаглување на линиите меѓу фактите и мислењата и лагите и негирањето на научната и интелектуална мисла. Можеби анти интелктуализмот помогна оваа власт да се етаблира, но дефинитивно води кон нејзино самоубиство.

Незнаењето, неинформираноста, погрешната агресивност кон се што е интелектуално, немањето желба за стекнување нови знаења, а посебно илузијата дека  сите сме подеднакво компетентни за се, како кафанска идеологија на интелектуализмот во Македонија (што ја одржува во живот оваа власт), ќе ја самоубие државата. Поточно државата ќе ја погребаат оние што поради својата неукост, необразованост и индиферентност не можат да ги препознаат грешките и промашувањата на оваа власт. А ги има побајаги. Дал господ.

Во новото медиумско време под оваа власт, секој е историчар, научник, проповедник или мудрец. Од толку експерти, тешко да најдете некој. Затоа власта преферира моронство за да може да сјае како бисер.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.