Религиски форум по повод 10 години од смртта на поранешниот претседател Трајковски

По повод 10-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, во организација на Меѓународната фондација што го носи неговото име и Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, денеска се одржа религиски форум „Верата на лидер кој и служи на нацијата“.

Сопруга на починатиот претседател Трајковски и основач на Фондацијата, Вилма Трајковска,  во обраќањето нагласи дека „со своето големо дело и хуманизам и заложите за мир во Македонија и регионот, Борис чекореше кон остварување на идеалите на лидер кој со својата вера вистински и служеше на нацијата“.

„Борис беше човек кој не се срамеше јавно да ја искаже својата вера во Бога. Беше човек предаден на молитва. Тој знаеше да рече и во многу свои излагања го повторуваше тоа ‘да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа, како што свештеникот ги соединува луѓето така и претседателот треба да ги соединува луѓето од различно потекло и со различни мислења’“, рече Трајковска, нагласувајќи дека преку вербата во Бога тој ја пренесуваше и хуманоста и соживотот меѓу луѓето.

Сметаше, потенира таа, дека во денешна Македонија и на Балканот мора да дојде до радикален пресврт со кој недовербата меѓу луѓето и народите кои се наталожила во нивното историско постоење ќе се напушти и ќе се замени со меѓусебна почит и разбирање, а омразата со пријателство и соживот.

„Визијата на Борис беше длабоко хуманистичка, обединување на сите во една заедничка цел на патот кон европската интеграција“, додаде Трајковска.

Според претседателката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, политичките елити и верските елити имаат суштинска клучна улога за хуман развој на денешницата.

„Дијалогот на мирен соживот меѓу луѓето со различни култури и религии е нов, голем веќе препознатлив поим и практика на човековото однесување. Република Македонија го има тоа искуство, од век и навек, и се потврдува дека довербата граѓаните најмногу ја црпат од духовните лидери и од верските заедници“, нагласи таа.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во своето обраќање нагласи дека во личноста на трагично упокоениот претседател Борис Трајковски имавме исклучителна личност, државник за респект и човек кој заслужи траен спомен меѓу својот народ.

„Беше исполнет со силна вера во Бога и длабока верба во својот народ и Татковината и често повикуваше да се верува во Бога, во луѓето и во Македонија. Беше не само член на Евангелско-методистичката црква туку и меѓу водачите на таа заедница во Република Македонија“, рече г.г, Стефан, притоа нагласува дека тој не запостави ниту една друга, и со својот однос оставаше впечаток како да членува во сите цркви и заедници.

Поглаварот на Исламската верска заедница Реис ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи рече дека поранешниот претседател Трајковски ги поседувал сите особини на еден достоен лидер.

„Тој ги почитуваше верските вредности. Со своите дела и однесување секогаш ќе остане незаборавен за нашето општество и за нашата средина“, додаде тој.

Монсињор Анте Циримотиќ од Католичката црква нагласи дека Борис Трајковски бил претседател, но останал скромен, едноставен човек со големо срце.

„Тој својата големина ја покажа како човек кој имаше разбирање за сите тие скромни едноставни луѓе, за сиромашните на кои им требаше неговата помош“, истакна Циримотиќ.

На форумот учествуваа и бискупот на Евангелско-методистичката црква Ханс Болетер, претседателот на Еврејската заедница Берта Романо Николиќ, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Владо Камбовски, поранешниот албански претседател Алфред Мојсиу, амбасадори, професори, како и истакнати лица од земјава и странство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.