Ременски не ги знае надлежностите на Министерството што го раководи

Техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ременски не ги знае надлежностите на Министерството, ниту на институциите што се под негова надлежност, како што е Агенцијата за вработување на Република Македонија. Таа продолжува да дава површни изјави за медиумите непоткрепени со факти.

Од последното интервју што техничката министерка го даде за ТВ Нова на Борјан Јовановски уште повеќе дојде до израз нејзиното елементарното непознавање на надлежностите на Министерството и неупатеноста во работата на ресорот каде таа застана на чело.

Со директорот на АВРМ оваа недела планирам средба на која што ќе отвориме неколку прашања поврзани со дилемите кои што провејуваат во јавноста, меѓутоа и како барање до него за давање на информации по однос на бројот на вработени според исплата, бројот на вработување со субвенционирање од страна на државата, но и онаа дилема која што најчесто се отвара во јавноста, а тоа е дали процентот на невработени во Република Македонија е реален или пак процент кој што се добива по некаква методологија која што вклучува одредени параметри кои што не одат во прилог на добивање на реалната бројка не невработени, рече таа.

Имено, Ременски направи елементарна грешка и тоа во однос на две работи. Прво, статистиката и водењето на податоците за вработените лица со плати не е под надлежност на Агенцијата за вработување на Република Македонија, туку на Управата за јавни приходи. Второ, во однос на методологијата на пресметката на невработеност, Ременски повторно би се обратила на погрешна адреса, затоа што таква методологија во моментов поседува Државниот завод за статистика, а не Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Уште една катастрофална грешка направи новата техничка министерка на самиот крај на нејзината изјава кога рече дека бројот на корисници на социјална помош се зголемувал.

Постојат дилеми и уверувања во јавноста дека таа бројка е нерална и ние имаме причини да се сомневаме затоа што стапката на невработени се намалува, а бројот на корисници на социјална помош се зголемува. Значи во случај кога стапката на невработени би се намалувала, тогаш разбирливо е дека би се намалувала стапката на бројот на корисници на социјална помош.

Имено, според официјалните податоци бројот на корисници на социјална помош во 2006-тата кога ВМРО – ДПМНЕ дојде на власт, изнесуваше околу 60.000, годинава таа бројка е преполовена на 30.000 лица.

Оваа изјава уште еднаш потврди дека Ременски како технички министер не ги познава надлежностите на Министерството за труд и социјална политика.