Реми на фудбалската селекција до 21 година со Ерменија

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година одигра во вторникот попладнето нерешено 3:3 против Ерменија на теренот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скоје, во рамки на квалификациите за Европското првенство во 2019 година.

„Црвено-жолтите“ имаа два гола предност до 90 минута, но со автоголот на Амановиќ, како и погодокот на Аветисјан, гостите си заминуваат од Скопје со бод.

Атанасов во 26 минута ја доведе во водство македонската селекција, а во второто полувреме Аветисјан со гол од пенал во 56 минута израмни на 1:1.

Младинците преку Здравковски вратија, исто така, од пенал откако во 73 минута успешно реализираше од белата точка.  На 3:1 во 89 минута зголеми нововлезениот Чурлинов и кога сите веќе ја славеа победата гостите со автоголот на Амановиќ и вториот погодок на Аветисјан го избегнаа поразот со конечен резултат 3:3.

Македонија У21 сега има четири бода и го држи петото место во групата пред Гибралтар кој има три бода. Напред се Ерменија со седум бода на четвртото место, Австрија е трета со 15 бода, еден бод повеќе има Русија на второто место, а убедлив лидер е Србија со 21 бод.

Преостануваат уште дуелите против Русија на гости и Гибралтар на домашен терен.