Реномирана компанија заинтересирана да ја купи зградата на Еуростандард банка

Реномирана компанија која работи оутсорсинг за американскиот пазар е заинтересирана да ја купи зградата на затворената Еуростандард банка. Зградата е дел од стечајната маса на банката.

Порталот Фактор.мк пишуваше дека голем дел од она што било вредно од стечајната маса на оваа банка веќе е отуѓено и е останато малку за поделба. Главната деловна зграда на Еуростандард банка е можеби еден од малкуте вредни имоти за обештетување на депонентите.

– Кој губи од непродавањето на зградата на Еуростандард банка? Губат сите! Штедачи, акционери, бившиот сопственик, државата. Губи од вредност и самиот објект, кој веќе две години не се одржува и кој е во опасност да пропадне и да загуби уште повеќе од својата сегашна вредност. Дали повторно ќе треба да чекаме уште 2, уште 4 години за оваа зграда конечно да има сопственик? Дали треба да дозволиме објекти кои се функционални да пропаѓаат! – прашуваат заинтересираните штедачи и акционери.

Тие не знаат колку всушност вреди оваа зграда. Се прашуваат дали утврдувањето на реалната вредност на еден недвижен имот треба да се базира на лична перцепција или пак на реална методологија за процена на вредноста на еден објект спроведена од реномирана и интернационална ревизорска куќа и дали пазарните услови треба да се земат предвид.

– Останува да видиме дали ќе влеземе во институционален вртлог кој ќе го обезвредни и она малку вредно што остана од оваа Банка. Работите треба брзо да се решаваат зашто има заинтересиран купувач. Останува да видиме дали во оваа зграда ќе работат млади луѓе кои од Македонија ќе го живеат својот американски сон, или пак зградата ќе пропадне и никој нема да биде обештетен – додаваат оштетените штедачи.