Репортери без граници констатираат – новинарството е блокирано во 130 земји

Новинарството е целосно или делумно блокирано во 73 проценти од државите, односно во 130 од 180 земји во светот, покажуваат податоците во годишниот извештај на Репортери без граници (РСФ) за слободата на медиумите.

Во 73 отсто од 180 земји, ситуацијата е „многу сериозна“, „тешка“ или „проблематична“ за новинарите, така што земјите на картата на светот на слободата на медиумите се означени како црни, црвени или портокалови.

Во извештајот се наведува дека само 12 земји од 180 или седум проценти, во споредба со минатогодишните осум проценти, имаат „добра состојба“. Оваа „бела зона“ никогаш не била толку мала од 2013 година, според РСФ.

– Новинарството е најдобрата вакцина против дезинформација, потенцираше генералниот секретар на РСФ Кристоф Делоар. Според него, информациите „премногу често се блокирани од политички, економски, технолошки, а понекогаш дури и културни фактори“, а новинарството е „најефикасното средство“ за да се осигура дека „јавната дебата се заснова на утврдени факти“.

Иако Европа е најбезбеден регион, има се повеќе напади и апсења, особено во Германија, која е на 13-то место на листата, а следат и Франција (34), Италија (41. место). Од останатите Хрватска е 56. место, Босна и Херцеговина (58), Полска (64), Грција (70. место), Косово 78. место), Албанија (83. место), Северна Македонија (90), Србија (93. место), Црна Гора (104) Бугарија (112. место) и Турција (153)

Репресијата е зголемена во Иран (174 место), Саудиска Арабија (170), Египет (166) и Сирија (173), според РСФ. На дното на листата се Кина (177), Туркменистан (178), Северна Кореја (179) и Еритреја (180).

Норвешка е на првото место петта година по ред, по која следат Финска, Шведска и Данска.