Репрезентацијата на Македонија скокна за една позиција

Фудбалската репрезентација на Македонија забележа скок од една позиција на најновата ФИФА ранг-листа, благодарение на минималниот триумф од 2:1, кој избраниците на Бошко Ѓуровски го забележаа на последниот пријателски натпревар против селекцијата на Летонија.

Популарните „рисови“ сега имаат вкупно 421 поен, што е доволно за 82. позиција на рангирањето на најдобрите светски фудбалски селекции. Нашиот национален тим е зад репрезентациите на Јамајка, Хаити и Оман, а пред селекциите на Белорусија, Конго, Уганда и Северна Ирска.

На врвот на ФИФА ранг-листата се уште се наоѓа Шпанија, пред селекциите на Германија, Аргентина, Португалија, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Италија, Бразил и Белгија.

Кога се во прашање противниците на Македонија во квалификацискиот циклус за ЕП 2016 во Франција, Украина остана на осумнаесеттата позиција, Словачка скокна за четири места и сега е рангирана на 50. место, Белорусија е на 83. позиција, додека аутсајдерот Луксембург моментно се наоѓа на 120. место на најновата ФИФА ранг-листа.