Репрезентативецот Бојан Крстевски потпиша за МЗТ Скопје

По вчерашното официјализирање на соработката со талентираниот Кристијан Николов, управата на МЗТ Скопје денеска продолжи со пополнување на ростерот за новата сезона со потпишување договор со репрезентативецот Бојан Крстевски (30 год, 206 см), кој во следните две сезони ќе го носи дресот на екипата од Аеродром.

Станува збор за искусен крилен центар, кој одлично се снаоѓа и на позицијата „пет“, поради што стручниот штаб на „металците“ очекува да биде еден од факторите за добра игра под двата коша. Крстевски веќе има две шампионски титули зад себе (2009 и 2018 година), што значи дека може и тоа како да им биде од помош на аеродромци во обидот да го одбранат пехарот од Првата лига освоен минатата сезона. Центарот, инаку, кариерата ја почна во Работнички, по што има играно и за Центар, Вардар, Торус и Кожув, а во периодот од 2012 до 2015 година настапуваше за грчка Кавала.

МЗТ Скопје вчера се засили со талентираниот Кристијан Николов, претходно ги обновија договорите со Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, додека обврски од минатата сезона имаат Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Ранко Мамузиќ. Тренер на екипата останува Ѓорѓи Кочов.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.