Република Див Запад

Среде зимскиот грч околу проблемот со името, провладините структури шират главно две пораки и сценарија: според првото, розовото, прифаќањето на компромис (по мерка на Грција која, нели, била толку моќна што секој отпор е залуден) ќе ги отвори портите на НАТО и ЕУ, со што ќе почне да тече мед и млеко. Со други зборови, сето она што оваа влада е неспособна да го оствари, по автоматизам, речиси волшебно, ќе почне да се остварува само по себе – поттикнато од надворешните фактори. (Кога ветуваат градина од рози, се разбира, го забошотуваат дури и она што на крајот на Балканската тура го изјави Јункер во Софија: повеќето земји немаат капацитет за влез во Унијата, па затоа и не треба да се фокусираат на датуми, туку на внатрешни реформи). Второто сценарио е застрашувачко, односно заканувачко за сите оние кои не веруваат во бајката под број 1. Тоа тргнува од тезата дека без НАТО и ЕУ нема живот, односно дека неприфаќањето на промената на името ќе создаде траорна судбина на нација на губитници, исклучени од „кремот на народите“ (да цитирам едно владино перо). Накусо, ако не се попушти сега, земјата ќе потоне во сиромаштија, бесперспективност и внатрешен конфликт.

Ајде за миг да го апстрахираме проблемот со името, и да се сосредоточиме на оној дел од пиарчењата, според кои зачленувањето во НАТО (и евентуално, во ЕУ, за 15-20 години) има моќ да го оствари првото сценарио? Поточно, ајде да се апстрахираме и од самите „стратегиски цели“, околу кои се создава фаталистички наратив и детерминизам, односно за наводна причинско-последнична врска преку која секој (евентуален) позитивен исход се врзува за надворешните, а не внатрешните детерминантни на политичкиот и општествениот систем. На тој начин, не само што општествените фактори (граѓаните и другите субјекти, првенствено) се сметаат за помалку важни како агенти на промена, ами од нив се бара трпение за да се дочека чудото, како и молк во однос на сегашните состојби. Ваквиот фатализам ги ослободува елитите од секаква сегашна одговорност пред граѓаните; тие, ете, се фокусираат само и само на надворешната политика, небаре таму лежи волшебното стапче. За тоа време, базичните принципи на кои почива една модерна држава, а првенствено владеењето на правото, доживуваат целосна деградација. (За кадровските решенија не вреди ни да се зборува, но и тие се значаен елемент во функционирањето на институциите.) Па видете дали од ваков „штоф“ може да се изгради ефикасна и демократска држава…

Последниот случај – потсмешливо наречен „Спајдермен“ – претставува илустрација за држава во распад, која сонува дека само ако си го смени името, автоматски ќе стане европска и многу (по)цивилизирана. Да потсетиме, иако целата јавност бруи за случајот: функционер на ДУИ од скопска општина позната по слободна употреба на калашњикови и за добро и за зло, самиот добро познат насилник со досие, нападна жена полицаец, кога неговото возило било подигнато од „Пајак-службата“. Во рок од неколку часа, физичкиот напад се трансформираше во вербален, а финалето беше катарзично и трагикомично! Министер (и потпретседател на Владата!) лично се среќава со полицајката, која притоа изјавува дека се самоповредила, удирајќи го „пајакот“! Министерот на МВРО се слика и ја фали за храброста – и мисли дека јавноста пие нафта! Против Асани е покрената прекршочна постапка за нарушување на јавниот ред и мир, иако според елементите на делото (за кое постојат сведоци) тој извршил кривично дело. Не така одамна полициските извештаи тврдеа дека приведените се самоповредувале удирајќи се со глава в ѕид во полициска станица, имаме голем чекор напред во демократизацијата: сега полицајците се самоповредуваат за да ги ослободат од вина насилниците! Ако се тргнат настрана сите (не)солени шеги за сметка на полицајката која е очигледна жртва на (лично и институционално) насилство и од партиски функционер и од министерството во кое работи, пораката е поразителна: секој партиски функционер од владејачката коалиција е над законот и правото! Зошто од овој случај се прави драма? Што е толку необично во него – освен трагикомичниот пресврт? Всушност, овде нема случај, бидејќи зборуваме за држава во која партиските шерифи се оние кои делат правда на улица или на друго место, а вистинските шерифи мораат да наведнат глава, ако не сакаат да им биде скината. Коалицијата не смее да падне! Прозор не сме пасти! Али Баба и 40-те разбојници останаа заштитени од „политичките бомби“, од надлежен суд (за сите ограбени „поштенски кочии“, запалени пошти и слични мистериозни случувања), од ревизорски извештај кој докажува како партијата се финансирала од државни средства; во спротивно, ништо од бизнисот, и Заев ќе мора да оди на избори, кои сега најмалку му требаат. Почетокот на бракот меѓу СДСМ и албанските партии беше крунисан со газење на уставот и деловникот при изборот на претседателот на Собранието, кој оттогаш до денес само ниже „бисери“ на невладеење на правото среде законодавниот дом (последниот случај е намерата да не се дозволи амандманска расправа за Законот за употреба на јазиците, затоа што Таљат така одлучил дека е опортуно). За волја на вистината, и во своите претходни бракови, ДУИ секогаш успеваше да избегне каква и да е санкција за неговите членови, почнувајќи од проширената амнестија за воените злосторства, тепачката на Калето, па сѐ до политичката и правна одговорност за режимот и тендер-коалицијата. Чесно е да се каже, дека иако навидум ДУИ е оној кој оневозможува Македонија да стане правна држава во која никој не е над законот, оваа ситуација им беше од полза на сите негови партнери. Оттука, нема скандал, нема случај, кој може да наруши ваков траен сојуз: дали станува збор за лица со криминални досиеја кои заземаат високи државни функции, конфликт на интереси, непотизам и клиентелизам, тоа е сосема сеедно! Колку се позаплеткани во валкани бизниси и подалеку од дофатот на правдата, толку им е љубовната врска посилна, бидејќи не се темели на идеолошки вредности или емоции, туку на чист интерес. Политичката коректност, пак, ги заштитува од именување, бидејќи во спротивно ќе ве обвинат за албанофобија!

За внатрешен гнилеж и гангрена на државниот апарат НАТО не е надлежен, ниту пак се интересира – сѐ додека си добива 2% од БДП и војниците. Ако мислите дека тие во ЕУ се ангели, на кои корупцијата и криминалот им се непознати, тогаш сте слепи при очи. Единствената разлика е што Брисел многу поумешно (ќе) ги користи Копенхашките критериуми (и владеењето на правото, меѓу нив) за да го условува приемот на земјите кандидатки. Таман и десет пати да се смени името Република Македонија, таа ќе остане Република Див Запад. Без Таличен Том, кој ќе расчисти со бандите на коалициските другарчиња од двете страни на Вардар, прашањето на името на државата ќе (о)стане мешавина на носталгија и на утопија, сон за номократија во земја во која владее номофобија. Сѐ е сторено прав и пепел, бидејќи политичките елити се и натаму клучниот дел од проблемот, а не од решението.

Автор: проф. др Билјана Ванковска за Нова Македонија