Република Македонија го губи Уставниот суд како столб на државноста

Во однос на мојата последна колумна објавена минатата недела, „Уставниот суд под раководство на Кацарска“, раководството на Уставниот суд реши да молчи. Тоа е тактика на заборав, надевајќи се дека изнесените наводи ќе се изгубат во мноштвото информации кои се пласираат на дневна основа во медиумите.

Тие што ме познаваат, ја знаат мојата упорност во борбата за одржливи институции, но и дека како човек со просветителско – инспекциско неколкудецениско искуство, не дозволувам заборавање на непочитување на законите.

Драги читатели и во денешната колумна ќе изнесам фрапантни податоци за (не)работата на Уставниот суд воден од Добрила Кацарска кои укажуваат на повреда на правото, расипништво и партизација. Ароганцијата и сигурноста во себе на Кацарска потекнува од фактот што „нејзините се на власт“.

Во низата на политичко – партиски игри, претседателката на судот не постапува по иницијативата за Указот за Преспанскиот договор. Ова лесно може да се провери и станува јасно зошто е тоа така. Второ, Добрила Кацарска ја отфрла иницијативата за оцена на изборот на Талат Џафери, под образложение дека „се работи за поединечен акт“. Додека по тужба пред Управниот суд, од ист подносител, овој суд ја отфрла со образложение дека е општ акт?!? Нон сенс!

Во време на мандатот на големата „реформаторка“ на Уставниот суд, две одлуки на судот во делата за заштита на слободи и права паѓаат пред Европскиот суд за човекови права. Ги предизвикувам медиумите да ги проверат овие наводи.

За умисленоста на владиниот повереник во Уставниот суд, Добрила Кацарска говори и тоа дека кога го презентираше извештајот за работата на судот за 2022 година, таа рече дека судот донел дури девет (9) одлуки. Замислете! Па сите ние кои ја следиме неговата работа знаеме дека Уставниот суд носел и по 40 одлуки во минатото и овој факт се проверува. Тоа што ми падна во очи како провиден Пи-Ар е фалењето на Кацарска дека заштедила на електрична енергија (притоа не кажа колку потрошила). А во меѓувреме вработува 30 партиски војници коишто нема што да работат и купува скап детектор, така таа го чува буџетот.

Не, помалку штетна и кадровата политика на партиско – роднински вработувања што директно се одразува на ефикасноста на работата на Уставниот суд.  Ќе информирам за лица кои се вработени од Добрила Кацарска а, се по владино – партиска линија:

1. м-р Екрем Халимовски, поранешен шеф на кабинет на Министерот за информатичко општество и администрација, од редот на владината коалиција. Вработен на позиција Советник на судот.

  1. Магдалена Спасова Паункова, сопруга на кабинетски службеник на претседателот Стево Пендаровски, д-р Алескандар Спасов. Вработена на позиција Советник на суд, а претходно вработена во нотарска канцеларија.
  2. д-р Сања Гелевска Трајчевски, ќерка на професорот од Правен факултет, проф.д-р Симеон Гелевски, претходно вработена во Јавното скопско претпријатие (ЈСП).

За да види јавноста како Кацарска воведува партизација „од возач до претседател“ ќе споменам дека и

  1. Дејан Крстевски, активист на СДСМ во Ѓорче Петров е вработен на место возач, иако претседателката, нема потреба од возач, бидејќи и следи од СОЗР.Вработена е и сестрата на заменик министерот за правда Агим Нухиу (оној со образовен криминал), донесени се сигурни и доверливи лица од канцеларијата на Народниот правобранител, стручни соработници од редовните судови, од адвокатска канцеларија.  За сите нив, карактеристично е што од најниско звање веднаш добиваат највисоко звање – советници на суд, иако немаат искуство со уставното право, тие треба веднаш да оценуваат уставност и законитост.

    Правник од ЈСП ќе оценува уставност, какво уривање на поредокот. Секоја идна влада што нема да биде составена од СДСМ ќе има сериозен проблем да комуницира со судот, бидејќи целосно е завладеан од партиските елити на Димитар Ковачевски. Дури и обезбедувањето на Добрила Кацарска учествува во кадровата политика на вработувања, така што си вработуваат сестри, роднини и активисти од ОО СДСМ Илинден.

Сите имиња и податоци се достапни на следниов линк http://ustavensud.mk/?page_id=4621.

Како шокантно можам да ви ја најавам одлуката на Добрила Кацарска, да вработи преведувачи од албански јазик за да ги преведуваат одлуките на судот, а замислите Уставниот суд сеуште не се произнел за Законот за употреба на јазиците (http://ustavensud.mk/?p=22923)?!. Тоа е типично наговестување каква Одлука ќе донесе судот, ако ја донесе. Да, потсетиме дека и Венецијанската комисија имаше забелешки за примената на овој Закон во судството, а и се уште не е ставен за разгледување на седница на судот.

Драги читатели, Уставниот суд како столб на државноста секогаш бил препознатлив и ефикасен, особено, кога бил воден од такви имиња како Перо Коробар, Милан  Недков, Тодор Џунов, авторитети и вистински бранители на Уставот. А денес, Уставниот суд е партиски превработен, бастион со нестручни кадри.

Но, актуелната претседателка создава имиџ дека се почнува од неа, дури вели дека таа обезбедила портпарол на институцијата, што не е точно, од секогаш работел портпарол во судот, лично со него имам контактирано.

Ве уверувам дека ова понижување на Уставниот суд нема да се заборави, допрва ќе ги информирам амбасадорите, а после промената на власта која ја штити Добрила Кацарска верувам дека надлежните институции ќе интервенираат за нејзината злоупотреба.

Во борба против криминалот, корупцијата и непотизмот на Кацарска во Уставниот суд!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.